Breaking News

Презентација на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди Инклудиран“


\Во Скопје денеска во рамки на третата проектна кампања ќе биде претставен проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија. Проектот ќе се реализира до мај годинава, а предвидено е да се одржат осум регионални настани во осумте плански региони.


Инклузија и инклузивно образование, претставување на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди Инклудиран“, е најавено да одржи Бранка Џајковска, а преглед на статистички податоци и локалните трендови како основа за креирање на инклузивни политики и акциски планови, ќе презентира Елена Мишиќ.


„Успешни практики, предизвици и активности на полето на инклузијата во Општина Аеродром“, е темата на која ќе говори и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Градови-домаќини на останатите настани ќе бидат: Куманово, Тетово, Битола, Струмица, Струга, Штип и Кавадарци, а учесници ќе бидат претставници од училиштата, општините, невладините организации, општествено одговорни компании и поединци.


Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават активностите и постигнувањата на Проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се заложува за квалитетно и инклузивно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, вo соработка со Министерството за образование и наука.


Во рамки на проектот се доделени стипендии на повеќе од 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од овие ученици добија и туторска и образовна поддршка. Се поддржуваат и наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој. Дополнително, се подобри пристапноста и инклузивноста во 43 редовни основни училишта преку опремување на 22 сензорни соби, 3 сензорни катчиња и 1 сензорна градина, набавка на 1 уред за мобилност низ училишната зграда и 5 пакети дидактички, сензорни и асистивни средства и помагала, реновирање на 1 пристапен тоалет и изградба на 10 инклузивни игралишта. цр/лв/

Фото: принт скрин