Breaking News

Презентација на мониторинг извештаите за родова еднаквост


Рурална коалиција денеска ќе ги презентира локалните мониторинг извештаи за родова еднаквост кои во изминатиот период беа изработени за вкупно шест пилот општини: Кичево, Пласница, Гостивар, Врапчиште, Прилеп и Кривогаштани.


Мониторингот на работата на комисиите за еднакви можности на 6-те општини распространети во три различни плански региони е дел од активностите предвидени во рамки на проектната акција „Со европско знаење до подобрена родова еднаквост во локалната заедница“ и има за цел да ја изнесе на површина реалната слика за работењето на комисиите за еднакви можности во различните општини, урбани и рурални, да го утврди степенот на ангажираност на заедницата, но и да детектира колку членовите на овие комисии ја препознаваат нивната улога во унапредувањето на родовата еднаквост во локалната заедница.


Токму овие комисии, како што наведува Рурална коалиција, треба да бидат една од движечките алки во промоцијата и зајакнувањето на свеста и кај вработените во општините и кај локалното население за значењето и нужната потреба од препознавање на специфичните потреби на мажите и жените во заедницата, но во исто време да бидат и еден од главните актери во преточување на овие потреби во програмите и буџетите на општините.

-Одговорот на прашањето дали сето погоре наведено реално се спроведува, но и каде се јавуваат главните родови јазови и пречки за да имаме родово сензитивна локална заедница и родово-одговорни буџети ја даваат изработените мониторинг извештаи за 2022 година од страна на членките на Руралното женско лоби, велат од Рурална коалиција. мч/мд/