Breaking News

Претставниците на ОДАС на средба со Шаќири за нивните барања за државната матура


Средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири попладнево имаат и претставници на ОДАС (Организација за дијалог и афирмација на средношколци и студенти) – организатор на протестот пред МОН на 17 март, кои бараат да се намали обемот на материјалот за полагање на државната матура или, како алтернатива, да се намали бројот на интерни испити.


Пред средбата, претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, изјави дека очекува повторно да ги искажат нивните барања, кои се разликуваат од тие на Сојузот на средношколци со кои Шаќири претходно денеска се сретна. Таа нагласи дека поради многу изгубени часови и загубен квалитет на наставата, најдобро е обемот на материјалот за испитите на матурата да биде намален.


-Нашите барања се скратување на обемот на материјалот предвиден за полагање на државната матура за оваа година. Тоа е поради големиот број фактори кои мошне негативно влијаеја на нашето образование, квалитетот на настава и бројот на часови што беа реализирани. Во корона-кризата наставата беше онлајн, дојавите за бомби беа актуелни до пред некое време и наголемо ја попречија наставата, секој ден учениците беа евакуирани од училиштата, а секако, имаше и протести на просветните работници и штрајкот на вработени во ЈСП што го попречи доаѓањето на голем број ученици на училиште, изјави Угриновска.

Се надева дека министерот, кој веќе е запознат со нивните барања, ќе им договори, како што рече, со слух и позитивно.


-Доколку не се одговори позитивно, мислам дека средношколците ќе одговорат со револт, додаде Угриновска.

На прашањето каков е ставот на ОДАС за барањата на Средношколскиот сојуз и тоа што МОН прифатило три од четири, таа одговори дека се радува што Министерството „има слух за барања на младите и средношколците“.


-На средбата со министерот Шаќири останува да ги слушнеме кои барања биле прифатени и официјално министерот да ни ги пренесе… Најефективно за средношколците би било сите страни да бидат усогласени. Не работиме едни против други, работиме за бенефит за средношколците, додаде претседателката на ОДАС. хс/лв/

Фото: МОН