Breaking News

Премиерот, министри, дипломати, лозари и винари на закројување лозје во Ресава


Посакувајќи плодна година, премиерот Димитар Ковачевски, министри, дипломати, пратеници, лозари и винари беа денеска на свеченото закројување лозје во кавадаречкото село Ресава, по повод верскиот празник „Свети Трифун”, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.


– Во чест на празникот Св. Трифун, традиционално ги закроивме лозjaта со желба и надеж за уште една поплодна година од минатата. Денес го празнуваме трудот на луѓето кои со квалитетот на нивното вино нѐ прославуваат како држава низ светот, по што, меѓу другото, сме и почитувани насекаде. Тука сме за да им помогнеме, да ги поддржиме, да им оддадеме признание за нивната макотрпна работа и да им дадеме уверување дека и оваа година ќе им обезбедиме квалитетни услови за работа, како што тоа го правиме континуирано и без никакави задршки, рече премиерот.


Тој нагласи дека квалитетот на нашето вино е препознаен во светот, за што, освен убавите зборови, зборуваат и бројните награди и нагорниот тренд во извозот на вино.

Минатата 2022 година, вкупниот извоз на вино достигна рекордни 58 милиони евра, што е за скоро девет милиони евра зголемување во однос на извозот од 2021 година. Со порастот на извоз, веќе трета година по ред, посочи премиерот, бележиме континуиран раст на извозот на флаширано вино, а со тоа и постојан раст на девизниот прилив и јакнење на домашната економија. – Успеавме да го стабилизираме домашното производство на грозје со просечно производство од околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека, просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри, изјави Ковачевски.


Според него, заеднички е постигната историски највисока откупна цена на грозјето за 2022 година.

– Овие успеси ги постигнавме преку тоа што инвестиравме и инвестираме во лозарството и производството на вино, преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството, зголемениот износ за мерката зелена нафта, како и грантовите за малите винарии, изјави премиерот.


Тој информираше дека во моментов во регистарот на производители на вино во нашата земја се регистрирани 164 винарски визби, од кои 87 се семејни винарии и 77 се правни лица, регистрирани како производители на вино.

– И годинава имаме добри вести за сопствениците на малите семејни винарии, кои ќе можат, преку грант од 10.000 евра, државна помош да инвестираат во своите бизниси, а дополнително, за прв пат ги помагаме и малите дестилерии со грант од 5.000 евра грант, со кои ќе можат да набават опрема за производство и пакување. Сето ова значи дека ние ги поддржуваме подеднакво и лозарите и винариите.
Вложуваме во нашиот традиционален производ и нашиот заштитен знак-македонското вино, кое е еден од нашите најважни стратешки производи за државава, поради што ја продолжуваме и ја прошируваме поддршката на ова поле, категоричен беше Ковачевски.


Како што оцени, се создава амбиент за стопанисување кој ќе биде поволен и за лозарите и за винариите.

– Во таа насока, подготвивме и нов закон за вино, кој е усогласен со ЕУ регулативите и кој ќе придонесе да имаме уште поквалитетно македонско вино. Исто така, подготвуваме и Национална стратегија за развој на лозарството и винарството, која Владата ја носи за период од најмалку пет години, нагласи Ковачевски.

Се закројуваше на лозјето на Захарчеви, една од членките на Тиквешки семејни винарии.

– Испишавме успешна винска приказна, позади која стои многу работа, многу вложен труд на лозарите и винариите, но и многу голема поддршка од државата. Со измената на Законот за вино во 2019 година, им помогнавме на малите семејни винарии, легално да го продаваат виното произведено во домашни капацитети. Од тогаш до денес, во регистерот на производители на вино, се запишале нови 95 мали винарии, со што вкупната бројка достигна рекорд од 123 мали винарии до 50.000 литри, од вкупно регистрирани 164 винарски визби. Тоа е огромен успех, информираше министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Минатата година прв пат, посочи, поддржавме 59 мали семејни винарии со грант до 10.000 евра. Морам да кажам дека ова не е само наш успех, ова е заеднички успех на министерството и малите семејни винарии. Покажавме како се работи искрено и партнерски, а со успехот кој го постигнавме заедно, испишавме нова историја во винскиот сектор. Нашата винска приказна продолжува да испишува нови успеси и во 2023 година, нагласи министерот.

Најави дека новиот закон за вино, влегува во владина постапка.

– Тоа е уште еден успех, кој ќе овозможи користење на ознаките за квалитет прилагодени со законодавството на ЕУ. Лозарите и винариите ќе имаат можност да формираат здруженија во кои заеднички ќе го договараат квалитетот на грозјето, а со тоа и квалитетот на виното. Ќе се зголеми и сигурноста на лозарите бидејќи согласно новиот закон, секоја година до 15 јули, ќе се утврдува производната цена на грозјето, што ќе придонесе лозарите да добиваат достоинствени откупни цени, рече министерот, посочувајќи дека минатата година е постигната највисока откупна цена кај грозјето, со 15 денари за вранецот и 13 денари за смедеревката.

Вчера се исплатени субвенциите за лозарите во вредност од 600 милиони денари, со што, како што рече, задржана е традицијата, лозарите да ја добијат поддршката пред „Свети Трифун”. Тој нагласи дека успешната приказна на малите семјни винарии, ќе продолжи и оваа година, со грант до 600.000 денари, а прв пат ќе стартува нова програма за поддршка на мали дестилерии.

– Обезбедивме грант до 300.000 денари по корисник, за поддршка при набавка на опрема за производство на жесток алкохолен пијалок. Очекувам успехот со малите винарии да го постигнеме и кај малите производители на храна. За таа цел, оваа година за прв пат започнуваме со програма за мали производители на храна, со грант до 600.000 денари. Ќе ги поддржиме полесно да набават опрема за производство, пакување и продажба од праг или фарма. Искрено очекувам да се регистрираат нови 2000 мали производители и дека токму малите производители ќе ја одбележат 2023 година, како наша нова успешна приказна. Тоа ќе биде уште еден голем успех, на сите оние кои се декларираат како мали производители, а всушност се огромно богатство од традиција, со силен потенцијал да прераснат во големи брендови, дециден беше министерот.

Николовски посака „Свети Трифун”, да донесе богат род и како што вели нашата традиција, кога се закројуваат лозјата се испраќа следниов благослов: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“.

Претседателот на „Тиквешки семејни винарии” Горан Јаковлевски рече дека посакуваат и се надеваат дека во иднина ќе бидат главниот столб на винарството во Македонија.

Јован Златевски, претседател на Сојуз на здруженија на лозаропроизводители, , рече дека само со соработка помеѓу лозарите и винарите, ќе можеме да зборуваме за развој на лозаровинарството и винскиот туризам. свд/лв/