Breaking News

Преку проект на УСАИД поддршка за развој на инвестиции во енергетски проекти


Преку проект на УСАИД за развој на инвестиции во енергетски проекти ќе се овозможи клучна поддршка за државава за обезбедување енергетска сигурност, за енергетската транзиција и за градење одржлив енергетски сектор.


Виктор Андонов, соработник за енергетика во Владата Виктор Андонов на тркалезна маса во организација на УСАИД на тема „Инвестиции во развивање на енергетски средства – инвестиции во енергија“ на којашто се дискутираше за инвестицискиот проект на УСАИД укажа дека глобалната криза нé принуди да ги поставиме енергетските приоритети највисоко на агендата, енергетската транзиција, енергетската независност и диверзификација во снабдувањето со енергенсите. Тоа, потенцираше, се воедно и столбовите на долгорочна одржлива економија, која за граѓаните ќе донесе повисок животен стандард, а за компаниите поголема конкурентност на пазарите, ликвидност и раст.


-Инвестирањето во енергетска инфраструктура и диверзификацијата на енергетските ресурси и рутите на снабдување е од исклучителна важност за енергетската сигурност на Република Северна Македонија. Тоа е нотирано и во нашите стратешки документи и планови кои предвидуваат енергетска транзиција и декарбонизација на нашата економија. Република Северна Македонија прва во регионот донесе Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година базирана на европскиот зелен договор, со која јасно е дефинирана нашата определба за инвестиции во чиста енергија, но и зголемување на сигурноста на нашите енергетски системи. Први го изработивме и донесовме и Националниот план за енергија и клима во кој е потврдена и разработена во детали Стратегијата за развој на енергија, рече Андонов.

Европската Унија донесе план „RePowerEU“ со кој се испратија јасни сигнали дека единствена опција за градење одржлива економија е енергетска транзиција и зголемено инвестирање во обновливи извори на енергија, како и зголемено инвестирање во енергетска ефикасност.


– Енергетската транзиција е веќе реалност и таа се случува. За само една година, во 2022 година Регулаторната комисија за енергетика издала лиценци за 152 мегавати нови објекти за производство на електрична енергија и тоа сите од обновливи извори на енергија, мали хидроелектрани, фотонапонски електрани, ветерни електрани и електрани на биогас. Иднината на нашата енергетска транзиција е производството на чиста зелена енергија од нашите природни потенцијали, сонцето, ветерот и водата, истакна Андонов.

Како што информира владината прес-служба, Андонов нагласи дека проектот на УСАИД за развој на инвестиции во енергетски проекти доаѓа во вистинскиот момент за нашата држава и оти ќе овозможи клучна поддршка со цел обезбедување на нашата енергетска сигурност, како и поддршка за македонската енергетска транзиција и градење на одржлив енергетски сектор.


– УСАИД и во минатото, а и сега се покажа како еден од нашите најголеми партнери во спроведување на енергетската стратегија која ќе овозможи економски напредок за државата и граѓаните, рече Андонов. лв/сп/