Breaking News

ПО ДЕСЕТТИ ПАТ СЕ ОДРЖА ERSTE INVESTORS’ BREAKFAST ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ШПАРКАСЕ БАНКА


Денеска, во хотелот „Мериот“ во Скопје, се одржа јубилејниот, десетти по ред, годишен настан Erste Investors’ Breakfast, конференција што и годинава во организација на Ерсте Групацијата и Шпаркасе Банка АД Скопје претставуваше уникатна можност за размена на искуства за актуелните случувања на домашниот и на глобалниот пазар, а се разменија и мислења на тема инфлација и нејзините влијанија меѓу домашните и странските гости, аналитичари и експерти.


Со воведен говор се обрати г-а Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор, Шпаркасе Банка АД Скопје, која се осврна на поддршката на Шпаркасе Банка кон развојот на македонската економија, а со тоа и давање придонес кон намалување на стапката на инфлација, преку намалување на трошоците на компаниите и граѓаните преку инвестиции во обновливи извори на енергија.


Свое обраќање имаше министерот за финансии на Република Северна Македонија, г. Фатмир Бесими, кој истакна дека корпоративните вредности на Шпаркасе Банка, се всушност вредности кои се неопходни да се практицираат од секоја компанија и институција со цел да има успешно надминување на секоја криза со која се соочуваме. Г-дин Далибор Ракуша, директор за развој на бизнис, Оддел за финансиски институции, им се заблагодари на организаторите на настанот и ја искажа спремноста и за понатамошна поддршка на вакви настани.

На тема „Како да се скроти инфлацијата без да се поткопа финансиската стабилност и тешкото кредитирање и кои се предизвиците за централните банки“ говореше д-р Анита Ангеловска Бежоска, гувернер на Народна банка на Република Северна Македонија, а за процена на инфлацијата и зошто е толку тешко да се скроти, зборуваше г. Мате Јелиќ, виш макроаналитичар, Ерсте и Штаермеркише Банка.


По кафе-паузата, на тркалезната маса насловена „Инфлациските перспективи – навигација по променливиот економски пејзаж“ со г. Антун Буриќ како модератор, учествуваа и: д-р Глигор Бишев, член на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, д-р Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, д-р Симон Милошески, извршен член на Одборот на директори, Метро АД Скопје, како и г. Томислав Нералиќ, виш соработник/потпретседател, Сектор за пазари на капитал, Ерсте и Штаермеркише Банка.

Завршен осврт изложи г. Томас Ајнрамхоф, раководител на Групни пазари за хартии од вредност, Ерсте Груп Банка, по што следуваше дружба меѓу присутните гости.


Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе како една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и во Источна Европа опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години. Во Македонија, Групацијата е застапена со Шпаркасе Банка АД Скопје и Шпаркасе Лизинг.