Breaking News

Пет средношколски тимови ќе добијат по 120.000 денари за да ги остварат иновативните решенија за заштита на почвата


Пет групи составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да ги остварат иновативните решенија за подобрување и заштита на почвените ресурси во заедницата и да се приспособат на последиците од климатските промени.


Иноваторите беа избрани во рамки на програмата „Апшифт“ (UPSHIFT), во која десет средношколски тимови од Скопје, Тетово, Кочани, Штип, Делчево, Битола и Долнени учествуваа во тридневната работилница за осмислување дизајн. Под водство на менторите и професорите, сите тимови имаа можност да ги развијат идеите и да се стекнат со нови практични вештини.


Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ, последните пет циклуси на програмата „Апшифт“ беа фокусирани на младински решенија за еколошки предизвици и над 250 млади луѓе учествуваа во овие тематски циклуси на „Апшифт“, спроведени со поддршка на Шведска и во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој.

– Начинот на кој децата и младите луѓе реагираат на овој циклус на „Апшифт“ е повторно показател за нивната способност да изнајдат иновативни идеи, кога им е обезбеден простор за слободно и креативно изразување. Им честитам на овие млади луѓе за ангажираноста и одличните идеи и се надевам дека ќе претставуваат инспирација за своите врсници и дека ќе поттикнат позитивни промени поврзани со животната средина и подобрување на климата, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.


Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили им честиташе на победничките тимови кои со своите истражувачки проекти, како што рече, докажаа дека со креативно размислување, труд и напорна работа можат да произлезат иновативни решенија од кои придобивки би имало целокупното општество.

– Со четвртиот циклус на програмата „Апшифт“, согледавме дека младите се свесни за важноста од квалитетно одгледувана почва, која е од клучно значење за зачувување на животната средина, но воопшто и за луѓето, од аспект на производство на квалитетна храна. Преку поддршката на проекти и програми наменети за младите, ФИТР ја зацврстува својата јасна определба, да биде секогаш на страна на младите, поддржувајќи ги нивните иновативни идеи, креативен потенцијал и претприемничка култура, изјави Халили.


Петте најдобри тимови, кои добија почетен капитал за да ги спроведат идеите, се: тимот од стручното училиште „Панче Арсовски“ од Скопје за идеја за изработка на мобилен стакленик, тимот од стручното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје ќе произведува биохумус преку одгледување калифорниски црви и употреба на органско ѓубриво и растителен отпаден материјал, тимот од стручното училиште „Методи Митевски Брицо“ од Делчево ќе проектираат автоматизирана машина за прочистување почва со термално третирање при што се уништуваат штетните метали.

Тимот од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани ќе направи подвижен уред со сензори за детекција на метали во отпадните води што ја загадуваат почвата, а тимот од средното училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола ќе направи органска градина за одгледување зачини и лековити тревки кои потоа ќе се користат за производство на чаеви.


Следните три месеци тимовите ќе бидат поддржани од менторите за да ги спроведат идеите.

„Апшифт“ е иницијатива поддржана од УНИЦЕФ во која работилниците за социјална иновација се комбинираат со менторство, материјали и почетен капитал. Целта ѝ е да потпомогне иновативно и креативно размислување кај младите луѓе, да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат и да им помогне да осмислат креативни решенија во вид на производ или услуга.

Програмата ја финансира Шведска, ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението LEAD во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, а е поддржана од министерствата за животната средина, за образование и наука и за труд и социјална политика. хс/сп/

Фото: Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

Скопје, 23 март 2023 (МИА)