Breaking News

Панел-дискусија „Кои и како управуваат со институциите“


Скопје, 13 април 2023 (МИА) – Панел дискусија на тема „Кои и како управуваат со институциите“ ќе се одржи денеска во рамки на проектот „Поттикнување на доброто управување и реформите во јавната администрација“ поддржан од National Endowment for Democracy (NED).


Панелот е во организација на Центарот за управување со промени (ЦУП), а ќе се презентираат наодите од два истражувачки извештаи за периодот од 2019 до 2021 година и тоа извештај од следење на управувачките структури на институциите од јавниот сектор и извештај од следење на финансиското и материјалното работење на институциите од јавниот сектор.


Предмет на анализа во овие извештаи биле преку 250 институции од следните сектори – култура, здравство, образование, социјална заштита, регулаторни тела, јавни претпријатија, казнено-поправни домови, управни организации и органи на управа.

Во извештаите се опфатени неколку сегменти од работењето на наведените институции, односно структурата на директорите како и условите и постапките за избор, структурата и работата на управните и надзорните одбори, условите и постапките за избор на членовите на управните и надзорните одбори, состојбите со платите и надоместоците и реализацијата на буџетите на институциите.


Истражувачките наоди ќе ги презентира извршната директорка на ЦУП Неда Малеска Сачмароска и истражувачот Југослав Ѓоргиевски, а како панелисти се најавени вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, главниот државен ревизор Максим Ацевски, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, претседателката на Транспаренси Интернешнал Слаѓана Тасева и раководителот на Центарот за добро управување при Институтот за демократија Социетас Цивилис Миша Поповиќ. мс/сп/