Breaking News

ОУ „Никола Карев“ од Кочани обезбеди два милиона денари за поставување фотоволтаични панели


ОУ „Никола Карев“ од Кочани ќе инвестира околу два милиона денари за поставување фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.


Средствата се обезбедени со поддршка од Општина Кочани, во соработка со Источниот плански регион и Бирото за рамномерен регионален развој, а во рамки на општинскиот проект за унапредување на енергетската ефикасност на образовните институции.


-За комплетирање на целата инвестиција училиштето само финансираше и подготви технички проект, а наскоро ќе почнат активностите за практична реализација. Фотоволтаичните панели ќе се постават на кровната конструкција и очекуваме да ги покриваат нашите потреби за струја, односно да обезбедат целосна независност од јавната електрична мрежа. Со оглед што веќе имаме поставено термоенергетска фасада, а за затоплување на просториите се користи геотермална вода, нашето училиште ќе има голема заштеди во трошоците за енергенси и ќе исполнува високо ниво на енергетска ефикасност, истакна Александар Андов, в.д. директор на ОУ „Никола Карев“.

По обезбедувањето на средствата, наскоро ќе биде објавен јавен повик за избор на изведувач на работите за поставување на фотоволтаичните панели, а инвестицијата треба да се комплетира во текот на ова полугодие од учебната година.


Со финансиска и материјална поддршка од граѓански здруженија и локални компании, во текот на пролетта ќе се изградат и опремат спортски терени за кошарка и мал фудбал, а во училишниот двор ќе се опреми забавен парк со детски реквизити. та/сст/

Кочани, 6 февруари 2023 (МИА)