Breaking News

Османи на министерски состанок за Западен Балкан во Рим


Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Рим ќе учествува на министерскиот состанок за Западен Балкан, на покана од потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани.


Османи, како што најавуваат од МНР, ќе има излагање на двете сесии на министерскиот состанок посветени на евроинтегративните процеси на државите од Западниот Балкан, а ќе се обрати и на конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: пристапувањето во ЕУ и регионална безбедност“, во ко-организација на Министерството за надворешни работи на Италија, Институтот за меѓународни работи од Рим и Опсерваторијата Балкан од Тренто.


-Министерскиот состанок за Западен Балкан ќе биде отворен од страна на потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, а со свои излагања, покрај минситерот Османи, ќе се обратат и премиерот и актуелен министер за надворешни работи на Црна Гора и министрите за надворешни работи на Албанија, БиХ, Косово, Србија и Шведска, во својство на претседавач со ЕУ, посочуваат од МНР.

На конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: пристапувањето во ЕУ и регионална безбедност”, покрај министрите за надворешни работи од државите во регионот, предвидено е да учествуваат и шведскиот министер за надворешни работи Тобиас Билстром, еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, реномирани експерти и политички аналитичари од тинк-тенк институти од регионот, како и високи претставници на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС), Советот на регионална соработка, Секретаријатот на ОБСЕ и ЦЕФТА.


-Италијанската иницијатива за свикување министерски состанок посветен на процесот на пристапување на државите од Западден Балкан во ЕУ е во согласност со обновениот и засилен фокус на Италија кон регионот и има за цел да го реактуелизира и забрза процесот на евроинтеграција на државите од регионот, истовремено промовирајќи дијалог и соработка, се наведува во соопштението. мс/мд/

Фото: МИА архива


Скопје, 3 април 2023 (МИА)