Breaking News

Општина Желино ги доби средствата од државен буџет за асфалтирање на патот до Луковица


Во просториите на Општина Желино министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Блерим Сејдиу разговараа за реализација на проектот за асфалтитирање на пат до селото Луковица, за што локалната самоуправа доби средства од државниот буџет во висина од 15 милиони евра.


Двајцата информираа дека средствата се префрлени на наменска сметка на општината и дека во текот на 2023-та ќе има тендерска постапка за изведувач, со оглед дека веќе постои проектна документација која жителите самите ја обезбедија.


–Ќе се направи ревизија на пресметката бидејќи цените на градежните материјали осцилираа во текот на минатата година. Ќе се направи нова пресметка и ќе се распише тендерска постапка. Одговорот на тоа колку од тој пат ќе се реализира дали целиот, јас верувам поголем дел од делницата ќе биде реализирана, ќе го дознаеме тоа до крајот на тендерска постапка кога и градежните фирми ќе ги дадат своите понуди. Секако најповолниот ќе биде избран за да го реализира овој пат, изјави министерот Бочварски.

Градоначалникот Сејдиу изрази уверување дека ќе се најде начин да се реализира целата делница од речиси шест километри.


-Целта наша е да го реализираме целиот пат. Мислам дека е добар почеток, оти досега не беше ништо реализирано. Ако почне верувам и убеден сум дека ќе го завршиме. Мислам дека пролеттва треба да се почне со изведба. Тој локален пат е поскап поради тоа што е шест километри и нема да може да го реализираме целиот проект, но сме благодарни на министерот и пратеничка што овие средства ни беа префрлени затоа што со овие средства за прв пат ќе се гради локален пат кој досега не бил асфалтиран, изјави Блерим Сејдуиу.

Двајцата разговараа и за реализација на петте проекти за асфалтирање на други патишта за кои општината доби средствата преку Министерството од Светска банка. ас/вг/
Желино, 5 јануари 2023 (МИА)