Општина Струмица од недела почнува со селектирање на отпадот


Општина Струмица во соработка со ЈПКД „Комуналец“, во рамките на проектот „Еко паметни општини“, в недела ќе почне со делење втора канта на домаќинствата за селекција на отпад на пластика и лименки.


Како што информираат од Општината, на почетокот ќе бидат опфатени населбата Карпош и сите улици во потегот од улицата „Браќа Миладинови“ до улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, како и од Булевар „Климент Охридски“ до Булевар „Маршал Тито“.


Додаваат дека со оваа акција и официјално ќе почне селектирањето отпад во Струмица, кое во наредниот период постепено ќе се прошири и на целата територија на општината.

Кантите се обезбедени од ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица и ќе се делат бесплатно. Апелираат до граѓаните за домаќинско и правилно користење на кантите за селекција на отпад од пластика и лименки, а комуналното претпријатие ќе го подига овој вид отпад еднаш во неделата според распоред кој е во фаза на подготвување.рт/дма/


Фото: Општина Струмица

Струмица, 16 март 2023 (МИА)