Општина Штип по вторпат ќе се обиде да издаде општинска обврзница


Општина Штип повторно ќе побара издавање на општинска обврзница. На денешната седница на Советот на Општина Штип беше и дополнително ставена, како прва точка на дневниот ред. Но, несогалсувањата меѓу мнозинството и опизициските советници излегоа повторно на површина и се дебатираше колку е итна оваа точка. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова образложи зошто е итна и дека согласноста од Министерството за финансии ја добиле вчера.


-Оваа итност е согласно со член 40 од Деловникот за работа на Советот на Општина Штип и поради тоа што веќе вторпат минуваме низ овој процес, мислам дека сите сме свесни оти овој процес треба да се реализира во текот на една фискална година. Вчера ја добивме согласноста од Министерството за финансии, ова ќе биде малку подолг процес и затоа бараме оваа точка да ја стави на дневен ред со цел да го убрзаме процесот и на време да стигнеме со издавањето на општинската обврзница, вели Шорова-Ангелова.


Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Маријана Рогожарска-Поповска, во неколкуте излагања потенцираше дека елементи на итност во процесот не се гледаат и оти согласноста добиена од Министерството за финансии е со важност до крајот на тековната година, односно до 31 декември 2023 година. Опозициските советници во Советот на Општина Штип ја напуштија седницата, а мнозинството гласаше за вкупно 49 точки, од кои најголемиот дел се извештаи за работењето на локалните институции и претпријатија.

Шорова –Ангелова образложи дека општинската обврзница  е со вкупна вредност од 4.000.000 евра, односно 8.000 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра. Намената е за веќе познатите проекти.


-Продолжување на булевар „Партизанска“, изградба на обиколница од булевар „Гоце Делчев“ до населба Ново Село преку населба Пребег, уредување на Градскиот пазар, набавка на фотонапонски панели за производство на електрична енергија, набавка на турбина за искористување на воден притисок за производство на електрична енергија, образложи Шорова-Ангелова.

По ваквата одлука  на Советот на Општина Штип ќе следува изготвување на проспектот кој ќе се испрати до Комисијата за хартии од вредност и доколку истата даде согласност, документите повторно ќе се достават до  Влада. вдј/


Фото: МИА