Breaking News

Општина Кочани набавува 400 садници за пролетно пошумување и хортикултурно уредување


Општина Кочани реализира набавка на околу 400 хибридни садници од различни растителни видови, наменети за претстојното пролетно пошумување и хортикултурно уредување на повеќе локации во градското подрачје.


За набавката на садниците од општинскиот буџет се планирани околу половина милион денари, со кои ќе се изврши проширување на површините со зеленило, како и обновување на оштетените, исушени, дотраени или исечени стебла.


-Набавката е дел од преземените обврски за хортикулутурно уредување и надополнување на стеблата во урбаното подрачје, што биле изгубени од различни причини. Најголем дел од садниците се од видот туја, со подвидовите смарагд и ориенталис, чија старост треба да изнесува неколку години и да бидат со висина од 60 до 150 сантимeтри. Исто така, ќе се набават и поголем број млади стебла од видовите каталпа, липа, јавор, јапонска цреша, декоратива украсна слива и други, чија висина треба да биде минимум 1,2 метри. Со набавката ќе се обезбедат и садници од видот кипарис, како украсно зимзелено растение за хортикултурно уредување, истакна Александар Велков, комунален инспектор во Општина Кочани.

Дел од набавените садници ќе бидат наменети за уредување на просторот околу центарот за култура „Бели мугри“ и околниот парк, како и за локации покрај булеварите „Тодосија Паунов“ и „Стево Теодосиевски“, чие уредување е во тек.


Од добавувачот се бара садниците да бидат од контејнерско производство, со соодветно уверение за извршен здравствен преглед на објектите во кои се произведени, како и да обезбеди нивно засадување на предвидените локации. та/сст/