Breaking News

Научна конференција за балканската винска сорта Кратошоија


Земјоделскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на 26 април, 2023 г. во просториите на М6 Едукативниот центар Скопје, одржа научна конференција насловена како „Кратошија – винско наследство на Балканот“, со цел промоција и афирмација на балканската винска сорта Кратошија. На конференцијата оваа сорта беше претставена како симбол на тесната меѓусебна поврзаност на балканските народи и сведок на заедничките традиции и културно наследство, каде што оваа сорта опстојува многу одамна на овие територии. Затоа за оваа сорта говореа еминентни научни експерти од земјава и регионот (Италија, Словенија и Црна Гора), од областа на лозарството и винарството, кои ги споделија своите искуства и истражувања поврзани за Кратошијата. Конференцијата ја следеа претставници од научно-образовната фела, УКИМ, од владините институции и организации, од винарскиот и лозарскиот сектор, од дипломатскиот кор, како и други засегнати лица и организации.


Настанот го отвори директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, проф. д-р Виктор Ѓамовски, потенцирајќи го значењето на науката и научните сознанија како најголема надеж и перспектива за економскиот развој на државата. Само континуираното вложување во научните истражувања може да резултира со јасни одговори на предизвиците со кои се соочуваме денес, како што се климатските промени, животната средина, обезбедување со храна и економските кризи. Институтот во областа на лозарството и винарството постојано работи на интродукција и колекционирање на автохотните, регионалните и на интернационалните сорти и ги проучува нивните агробиолошки и технолошки својства во различни лозарски реони со цел да се подобри сортиментот и воопшто лозарскиот и винскиот сектор во државата, како што се и научните истражувања за сортата Кратошија, презентирани на денешната конференција.


На почетокот на настанот обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој го потенцираше значењето на најстариот Универзитет во нашата земја – УКИМ, претставувајќи го како одредиште каде што се развиваат научните и етичките вредности на општеството, се зацврстуваат и унапредуваат знаењето и моралните стандарди, и каде што се чува и гради националниот идентитет. Тој особено го истакна значењето на научно-истражувачките активности во земјоделството, како основна дејност на Институтот за земјоделство – Скопје, кои се од исклучителна важност, не само за социоекономскиот развој на руралните средини туку и за целата земја.

Г-дин Марио Де Роса, Заменик Шеф на Мисија и Одговорен на Трговско-економскиот оддел во Италијанската амбасада во Скопје во своето обраќање го потенцираше значењето на лозарскиот и винарскиот сектор и за двете земји, кои меѓусебно соработуваат за нивно унапредување.


За потеклото, ампелографските и агробиолошките карактеристики како и за клонската селекција на сортата Кратошија говореа проф. д-р Климе Белески, од Земјоделски институт – Скопје и проф. д-р Весна Мараш од Биотехнички факултет при Универзитет во Црна Гора, особено потенцирајќи ја нејзината хетерогеност и разликите помеѓу Вранецот и Кратошијата како постојана тема во секторот.

Ампелотехничките мерки кои водат до подобрување на квалитетот на сортата Кратошија, давајќи акцент на редукција на приносите како и дефолијација на насадите ги дискутираше д-р Душко Неделковски од Земјоделскиот институт – Скопје. Тој исто така говореше и за влијанието на климатските промени кои налагаат адаптација на мерките за одгледување на лозовите насади.


За хемискиот состав и сензорната анализа направена врз основа на доставените мостри на вина од сортата Кратошија, зборуваше д-р Милена Тасеска Ѓорѓиевски од Земјоделски институт – Скопје. И покрај спецификите кај сите производители на вина од оваа сорта, главно поради применетата технологија и годината на берба, таа генерално ги опиша како вина кои се добро обоени, со одлична хармоничност, умерена трпкавост и висок процент на алкохол и вкупни киселини.

д-р Пасквале Венерито, од „Basile Caramia“, Центарот за истражување, експериментирање и обука во земјоделството, Локоротондо во Италија го опиша историскиот пат и карактеристиките на сортата и вината на Кратошијата во Италија, позната под синонимот – Примитиво.


Со последната презентација, проф. д-р Наташа Штајнер од Биотехнички факултет во Љубљана, даде објаснување за молекуларната карактеризација на сортите винова лоза (Vitis vinifera L.) која е работена со земјите од Западниот Балкан. Таа како и сите научни работници на конференцијата се согласија дека истражувањата за оваа сорта треба да продолжат, со цел нејзино промовирање и афирмирање на балканските простори.

Настанот заврши со презентација и дегустација на вината од сортата Кратошија.

Земјоделски институт – Скопје