Breaking News

Нашата Камка Тоциновски во нова серија на Телеком Србија, уникатниот драмски трилер „Посета“


 


Од 2 октомври ексклузивно на Суперстар каналот, ќе може да уживаме во новото актерско остварување на една најпознатите македонски актерки, Камка Тоциновски која толкува една од улогите во новата серија од продукцијата на Телеком Србија, „Посета“. Серијата е составена од четири различни приказни инспирирани од вистински случувања, сите сместени меѓу ѕидовите на еден истражен затвор, со што ветува дека ќе ги задоволи вкусовите на најпребирливите љубители на добрите драмски трилери.


Првата приказна со која што започнува серијалот е именувана како „Река“ и токму во неа се појавува и ликот на Камка Тоциновски. Оваа серија во рамки на „Посета“ ни зборува за млад фудбалер, ѕвезда во подем, кој се буди во болница не сеќавајќи се на ништо од претходната ноќ.

„Река е приказна за наоѓањето начини да се продолжи животот тогаш кога тоа изгледа како невозможна задача. За односот на сите нас кон вината, одговорноста и правдата. За обидите да се прифати навидум неиздржливата судбина“, вели актерот Лука Грбиќ.


„Би рекол дека една интересна порака која може да ја извлечат од ‘Посета’ и конкретно од првата приказна ‘Река’ е следното: Многу луѓе обожуваат фудбал, но ретко кој, зад тоа, ги гледа луѓето кои страдаат“, вели Никола Ракочевиќ.

Серијата продолжува со приказната именувана како „Плен“ за мајка во чиј автомобил цариници пронаоѓаат куфер со плен од грабеж, а по неа следат „Пожар“, приказна за двајца пријатели, кумови и обвинување за подметнат пожар. Последната приказна „Бетон“ се одвива во автобус при што еден семеен човек влегува во кавга и завршува обвинет за убиство од негрижа.


Режисерот на „Посета“, Вељко Миќуновиќ гордо истакнува дека серијата не наликува на ниту една ТВ серија од регионот и гледачите може да очекуваат едно неочекувано, ново драмско искуство. Ова е прв ТВ проект на Миќуновиќ и во него се вклучени повеќе од 100 актери од регионот меѓу кои Снежана Богдановиќ, Борис Исаковиќ, Лука Грбиќ, Озрен Грабиќ, Крешимир Микиќ, Ксенија Маринковиќ, Изудин Бајровиќ, Милош Томотијевиќ, Уликс Фехмиу и многу други.

Секоја од четирите приказни претставува одделен мини-серијал од четири епизоди кои ќе се емитуваат од понеделник до четврток од 21 часот на Суперстар каналот, што е дел од телевизиската понуда на телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, членка на Телеком Србија групацијата.