Breaking News

Наместо да плаќаме транспортни трошоци и трговски маржи, ќе купуваме дома: минимум 5 отсто поевтина струја и 40 отсто поевтино парно


Струјата што С. Македонија ќе ја купува од „Митилинеос“ ќе биде минимум 5 отсто поевтина, додека цената на топлинската енергија ќе се намали за 40 отсто, велат експертите.


Кога зборуваме за електрична енергија, клучната разлика меѓу увезената струја и струјата произведена на територијата на државата се трошоците за преносните капацитети кои се плаќаат за таа да стигне во Македонија. При увоз, цената на берзата е одредена од гасните електрани. На пример, освен што треба да се купи на берзата во Унгарија, таа струја треба и да се донесе во земјава, а тоа значи плаќање преносни капацитети во неколку држави, гранични капацитети и маржи на трговците. Електричната енергија што се произведува во Скопје од самиот почеток има основа да биде поевтина само доколку се гледаат овие надоместоци.


– Ваквите електрани се поефикасни од топланите, бидејќи произведуваат и струја и топлина. Таа цена што ја плаќаме за топланите 5,3 денари, сега ќе биде 2,3. Кога ќе влезе во целиот систем, сметките за струја ќе се намалат значително – вели директорот за развој и инвестиции на ЕСМ, Виктор Андонов.

Повеќе од 30 отсто од потребите за електрична енергија, во сегашни услови, државата ги задоволува преку увоз или од приватни субјекти. Во 2022 година, на пример, беа исплатени над 400 милиони евра за увоз на електрична енергија. Моментно, ЕСМ ја продава струјата на „ЕВН хоме“ по цена од 58 евра за мегават-час. Цената, пак, од стратешките партнери ќе биде 55 евра за мегават-час.


Исто така, важна улога играат и емисиите на ЦО2, за кои според регулативата на Европската Унија ќе се воведе данок на ЦО2. Тој данок ќе биде повисок за струја произведена од јаглен, отколку за струја произведена од гас, како што и емисиите се поголеми кај јагленот. На пример, со данок од 70-80 евра за струјата добиена од јаглен од РЕК Битола, со сегашните бројки, цената би достигнала до 150 евра.

Јован Деспотовски, првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, вели дека со договорот кој е во собраниска процедура, граѓаните добиваат гаранција дека во следните 20 години ќе имаат стабилен извор на топлина и предвидливи цени.


– Пониски сметки за струја за сите граѓани на државата, пониски сметки и до 40 отсто за парно и значително поздрав воздух за моите сограѓани од Скопје се директни придобивки од овој проект. Дополнително тука се 120 до 150 милиони евра коишто ќе влезат во државниот буџет по основ на данок на добивка, придонеси, царини и други давачки. Околу 250 директни и индиректни работни места за македонските граѓани, како и дополнителни најмалку 300 работници коишто ќе се ангажираат во фаза на изградба на централата. Сето тоа се плати, и тоа добри плати за македонските граѓани – вели Деспотовски.

Од друга страна, цената на топланите што ја одредува РКЕ во моментов се прилагодува на месечно ниво според барањата на ТЕ-ТО. Експерите посочуваат дека за време на викенди, ТЕ-ТО самостојно одлучува дали ќе работи или не во зависност од цената на струјата. На тој начин товарот паѓа на ЕСМ којшто е принуден да ги зголеми трошоците за да произведе доволно топлина. Со овој досегашен пристап, граѓаните на Скопје воопшто не се заштитени, односно во најголема мера зависат од проценките на ТЕ-ТО.