Breaking News

Наместо 30 проценти да се увезува – струјата ќе се произведува во Скопје по пониска цена


Со технологија од гигантите Siemens или од General Electric, новата гасна електрана што во Скопје ќе ја гради меѓународната компанија „Митилинеос“, Македонија ќе добие модерна високоефикасна когенеративна постројка. Таа ќе има капацитет да замени над половина од струјата што сега ја увезуваме. За да се исполнат целосните потреби за електрична енергија, државата увезува над 30 проценти, односно во 2022 година за тоа се потрошени над 400 милиони евра. Целосната врз развојот и реализацијата на инвестицијата ќе ја врши Дирекцијата на ТИРЗ.


– Токму преку партнерства со компании со долго меѓународно искуство можеме да ги оствариме нашите долгорочни цели. Меѓу најзначајните, а тоа е потенцирано и во стратегијата за развој на земјава во следните 20 години, е креирање силен енергетски сектор којшто се снабдува од различни извори и добавувачи. Новата когенеративна централа токму тоа го овозможува. Се работи за модерен, стабилен и одржлив капацитет што драстично ја намалува подложноста на шокови кои што би дошле однадвор. На тој начин се обезбедува и сигурност за граѓаните, кои енергијата и понатаму ќе ја добиваат по достапни цени – вели Виктор Андонов, директор за развој и за инвестиции во ЕСМ.


Експертите се согласни дека се работи за долгорочно решение што ќе донесе енергетска стабилност за сегашните, но особено за идните генерации. Со оваа инвестиција, во новата индустриска зона „Енергија Скопје“, која што е под надлежност на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), ќе биде изградена високоефикасна постројка која што ќе може да задоволи до 17% од вкупните потреби на земјава. Оваа стратешка инвестиција ќе се реализира според пристапот што изминативе години сè почесто се применува во Европската Унија, преку ППА-договор. Носител на проектот е глобалната компанија „Митилинеос“ која што е основана и има седиште во Грција.

Новата когенеративна централа ќе произведува 1.150 гигавати електрична енергија годишно. Вкупната инвестиција ќе биде 290 милиони евра од кои што 50 милиони во рок од пет години ќе бидат поддршка обезбедена од македонската влада.


– Овој тип договори можеби кај нас се новина, но тие се пракса во Европската Унија. Во повеќе наврати Европската Комисија на земји членки има одобрено исплата на премии на производители на енергија од вакви централи над износот што го остваруваат на пазарот. Целта е да се обезбеди токму стабилност и независност во снабдувањето на економијата и на граѓаните со енергија. Во Германија за ваква програма државата обезбедила близу две милијарди евра. Навистина не гледам причина зошто и Македонија да не го следи тој пример – вели Јован Деспотовски, прв човек на Дирекцијата за ТИРЗ.

„Митилинеос“ досега има изградено електрани со вкупен капацитет од 14.000 мегавати. Вкупниот промет на компанијата во 2023 е 5,5 милијарди евра, додека добивката пред оданочување изнесува една милијарда евра. Според договорот со македонската влада, тие имаат рок од 18 месеци за да ги обезбедат потребните дозволи, односно 36 месеци за да ја изградат постројката.


Законот за реализација на оваа стратешка инвестиција доби позитивно мислење од Комисијата за заштита на конкуренција. Пред да се потпише договор за државна помош, земјава за него ќе побара став и од Енергетската заедница од Виена.