Breaking News

На МБУ се одржа предавање на Дејвид Кусума од Светската организација за дизајн


Меѓународниот балкански универзитет е член на Светската организација за дизајн во образовната категорија, меѓу над 200 организации од целиот свет.


На Меѓународниот балкански универзитет во рамките на настојувањата за унапредување на образовниот процес што подразбира организирање предавања на познати и докажани експерти од различни области, вчера се одржа предавање на Дејвид Кусума, поранешен претседател на Светската организација за дизајнери (WDO) кој пред присутните студенти и гости зборуваше на тема „Развивање нови материјали и технологии за максимизирање на бенефитите на корисниците“.


Проректорот на МБУ, Мевљудин Ибиш, во поздравувањето на присутните истакна дека е големо задоволство да се биде на овој настан и се заблагодари на г-дин Кусума за одвоеното време, значајното предавање и теми што истото ги опфаќа, како и на стекнатото партнерство со универзитетот за кое верува дека е од големо значење за студентите и кадарот на факултетите за дизајн и инженерство при МБУ.

Светската организација за дизајн (WDO) е глобално призната невладина организација која има за цел да го промовира и унапреди индустрискиот дизајн и неговата моќ да го подобри економскиот, социјалниот, културниот и еколошкиот квалитет на живот. Организацијата е основана во 1957 година и ангажира илјадници дизајнери преку своето иновативно програмирање и иницијативи кои се залагаат за „дизајн за подобар свет“ – промовирање и споделување знаење за иновациите водени од индустрискиот дизајн кои имаат моќ да создадат подобар свет.


Во WDO инаку членуваат над 200 организации од корпоративниот, образовниот, промотивниот сектор, како и градови и општини, а Меѓународниот балкански универзитет е член во образовната категорија. Членувањето во оваа организација значи поволности и можности за учество во проекти, саеми и настани каде организацијата е дел, што е од особено значење за младите дизајнери, студентите на Факултетот за инженерство и Факултетот за арт и дизајн при МБУ. Такви настани се: Milano Design Week, Shenzhen Design Week, Helsinki Design Week, Berlin Design Week, Golden Pin, Design Week Türkiye, и други. Истовремено членството дава можност студентите од МБУ да можат со свои проекти да се натпреваруваат во различни глобални натпревари за дизајн што се дел од портфолиото на WDO.


На едукативниот настан што се одржа на МБУ, студентите, освен за темата за која зборуваше Кусума, можеа да се запознаат и со влијанието на WDO врз нивниот професионален и кариерен развој. Претходно, MБУ беше дел од Светското собрание за дизајн (WDA) во Токио, Јапонија каде со дизајнери, академици и високообразовни институции, здруженија и претставници на приватниот сектор од цел свет споделија перспективи, размена на најдобри практики и истражување за новите трендови и можности кои влијаат на глобалната дизајнерска индустрија.