Мулец: Свеста кај населението е важна во решавањето на проблемот со загадувањето


Центарот за напредни истражувања од Скопје, во соработка со Здружението на ветерани и резервисти од областа на одбраната и безбедности на Република Северна Македонија и ЦИВИЛ- Центарот за слобода, организација за човекови права и слободи, денеска организираа јавно предавање на тема „Словенија светски лидер за здрава животна средина: искуства, знаења, безбедност“.


На конференцијата беше присутна и професорката д-р Бреда Мулец од Љубљана која ги сподели практиките на Словенија како пример за зелена земја број еден во светот и порача дека свеста кај населението е еден од најважните фактори за успешно справување со загадувањето.


-Усвоивме некои мерки, па можеме да кажеме дека сме зелена земја, но не треба да се потпираме на тоа имаме многу предизвици, како во нашата земја, така и во другите, но и во меѓународната заедница, истакна Мулец.

Рече дека високите глоби кои се плаќаат за непочитување на препораките кои произлегуваат од Европската Унија биле еден од факторите за подигнување на свеста кај словенскиот народ за да дојде до тоа да биде високо свесна земја, која се грижи за зачувување на животната средина. Воедно го потенцира штетното влијание на загадувањето како голем ризик за човечкото здравје и дека статистиките покажуваат оти од загадување умираат повеќе луѓе отколку во сообраќај.


-Статистиките покажуваат дека 10 пати повеќе луѓе умираат од загаден воздух, отколку што умираат во сообраќајни несреќи. Ми се чини дека во статистиките има многу алармантни бројки, ако сме постигнале нешто треба понатаму да ги усовршуваме сите мерки. Па дури и во Словенија годишно се бележат околу 2 000 лица кои умираат поради загадениуот воздух, истакна професорката.

Оцени дека свеста кај населението за штетното влијание од загадувањето е клучното решение, бидејќи начинот на греење во домаќинствата еден од поголемите загадувачи.


Исто така, заклучи дека Северна Македонија е една од ретките земји која има чиста вода за пиење, што не е било случај за повеќето земји ширум светот.

Еден од учесниците заклучи дека правото на здрава животна средина е со Устав загарантирано, и појасни дека ова право го опфаќа и правото на безбедност, односно безбедност од загадување на воздухот. ац/