Breaking News

МППС објави конкурс за доделување на наградите за новинари „Гласник на невидливите“


Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) по шести пат го распиша конкурсот за доделување на „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“. Станува збор за доделување на наградите за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои работат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.


– Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија, наведуваат од МППС.


За учество треба да се испрати новинарско дело, кое ги исполнува следните критериуми: Новинарското дело треба да е објавенo во периодот 1 март 2022 до 20 март 2023 година; објавата може да биде на радио, телевизија, печатен или онлајн медиум. Медиумот може да работи на национало, регионално или локално ниво. Дозволени се сите традиционални и нови формати на објави, вклучително и подкасти и фотографии/фоторепортажи; Објавата мора да е поврзана со сиромаштија или социјалната исклученост и да се однесува на ситуацијата и луѓето во Македонија; Еден новинар може да пријави само едно дело. Може да бидат пријавени повеќе дела од иста редакција, но од различни новинари.

Доделените награди, како што посочуваат, нема да бидат во пари и ќе имаат симболичен карактер, а краен рок за доставување на сториите е 23 март 2023 година.
Сториите треба да се испратат на е-маил mppsmk@gmail.com, во оргинален формат или само линкот на медиумот каде што се објавени, заедно со пополнета апликација која може да се преземе на линкот https://bit.ly/3F2ucom .


-Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам, се наведува во соопштението. мс/лв/

фото/МИА архива


Скопје, 7 март 2023 (МИА)