Breaking News

МОТОЦЕНТАР И ИСТ ГЕЈТ МОЛ СО АПЕЛ – ДА ЈА ПОБЕДИМЕ СООБРАЌАЈНАТА НЕКУЛТУРА!


Поттикнати од големиот број сообраќајни незгоди во Скопје кои неретко завршуваат со жртви, „Мотоцентар“, заедно со трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ иницираат еднодневен настан, со цел подигнување на јавната свест за важноста на културата во сообраќајот. Именуван како „ДА ЈА ПОБЕДИМЕ СООБРАЌАЈНАТА НЕКУЛТУРА!“, настанот ќе се одржи на 11.11.2023 година (сабота), со почеток од 13:00 часот, на платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ (кај главниот влез). Во месецот кога се одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди (19. ноември), настанот претставува потсетник за улогата на секој еден активен учесник во сообраќајот за одговорно однесување, согласно сообраќајните правила и прописи, а сé со цел намалување на бројот на жртви на сообраќајната некултура.


“Статистичките податоци достапни преку службените весници на МВР и анализите на Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), покажуваат дека годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди со повредени лица, при што со повреди, во просек годишно се здобиваат од 5.500 до 6.000 лица. Согласно податоците од годишните анализи за 2021 и 2022 година на нашите соработници – РСБСП, во просек на годишно ниво околу 125 лица во нашата држава го губат животот во сообраќајни незгоди. Како компанија која е дел од авто-мото индустријата и со нашите производи директно имаме удел во безбедноста во сообраќајот, сакаме да го свртиме вниманието на јавноста на еден суштински важен проблем – сообраќајната некултура како причинител на сообраќајни несреќи.“ – изјави Моника Бошкоска, Маркетинг Директор, „Мотоцентар“.


На централниот настан, пред присутните ќе се обратат г-дин Горан Гроздоски, Генерален Директор на „Мотоцентар“, г-ѓа Гордана Кожуваровска, Претседател на Републички Совет за Безбедност на Сообраќај на Патишта (РСБСП), Претставник на МВР, г-дин Љупчо Грујовски, Претседател на „Порше Клуб Македонија“ и г-дин Ристо Вуков – Рико, македонски спортски автомобилист.

Покрај централниот настан, со почеток во 12:30 часот ќе се реализира авто-мото дефиле во соработка со „Порше Клуб Македонија“, како едукативна порака за важноста на сообраќајната култура. Дефилето ќе започне од Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, додека крајната дестинација ќе биде платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“. Учесниците во дефилето, преку симболично користење на звучна сигнализација на точки каде што се случиле сообраќајни несреќи со жртви, ќе алармираат за поголемо внимание и сообраќајна култура.