Breaking News

Млади битолчани на дебата за новата Национална стратегија за млади 2023-2027


Млади битолчани, претставници на младински организации и експерти кои директно или индиректно партиципираа во младинските политики, на покана на Агенцијата за млади и спорт, дебатираа за новата Национална стратегија за млади 2023-2027.


Пред аудиториумот во Битола, Стефан Степановски, соработник за младинска политика во сектор за млади на Агенција за млади и спорт потсети дека досега одржале средби со студенти, претставници на политички подмладоци, младински „чадор“ организации…и со цел како што рече низ транспарентен процес и вклученост на засегнатите страни да се даде придонес во изработката на документот.


-Обврската за изработка на Национална стратегија за млади произлегува од Законот за млади донесен во 2020 година, таа е во функција на законот и треба да ги отсликува реалните потреби на младите. Сакаме да ги вклучиме сите млади затоа што така ќе добиеме реална слика изразена низ реален производ. Ако се знае дека во тек е скринингот за процесот од Поглавје 26, ние сакаме на 30 мај, на состанок во Брисел да потврдиме дека Северна Македонија има Национална стратегија за млади, истакна Степановски.

Според Ивана Петровска од Програма за развој на Обединетите Нации, УНДП, младите знаат што сакаат и знаат тоа да го кажат, и се ќе биде сврстено до стратегијата.


-Процесот на креирање го поддржуваме затоа што една од нашите цели е партиципативноста на младите луѓе, односно нивно учество во донесувањето одлуки. Младите знаат што сакаат и знаат тоа да го кажат. Сметам дека јавните политики треба да се адаптираат на нивното ниво и потреби и во таа смисла Северна Македонија го следи примерот на други држави кои имаат стратегии за млади. За нас беше битно процесот на донесување на стратегија за млади да биде партиципативен со вклученост на млади од различни средини, рурални, урбани, млади лица со попреченост, родова еднаквост, посочи Петровска.

Агенцијата за млади и спорт освен локални консултации во овој период ќе врши и онлајн консултации преку системот ЕНЕР, и како што нагласија очекуваат младите активно да партиципираат во процесот на изработка на Национална стратегија за млади.мт/сст/


Фото: МИА