Breaking News

Министрите од Г7 со критика за руската „нуклеарна реторика“, ја повикаа Кина да дејствува одговорно


Министрите за надворешни работи на Групата седум најразвиени земји (Г7) ги осудија неодамнешните најави на Русија за стационирање нуклеарно оружје во Белорусија како „неприфатливи“ и ја повикаа Кина да дејствува како одговорна членка на меѓународната заедница.


Во соопштение по тридневната средба во јапонското одморалиште Каруизава, министрите нагласуваат дека во центарот на вниманието на средбата биле руската воена интервенција во Украина и стравот од слични акции на Кина против Тајван.


„Неодговорната нуклеарна реторика на Русија и нејзината закана да распореди нуклеарно оружје во Белорусија се неприфатливи. Секоја употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје од страна на Русија ќе биде соочена со тешки последици“, велат тие.

Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец објави дека Русија ќе стационира таканаречено тактичко нуклеарно оружје со краток дострел на територијата на соседна Белорусија. Москва тврди дека била принудена на овој потег поради проширувањето на НАТО алијансата кон руските граници.


Министрите за надворешни работи на Г7 го повторија својот повик до Кина да дејствува како одговорен член на меѓународната заедница, согласувајќи се дека мирот и безбедноста во Тајванскиот теснец се клучни и се спротивставуваат на милитаризацијата на Пекинг на Јужното Кинеско Море.

Средбата се одржа пред самитот на лидерите на Г7 во Хирошима во мај. Освен Јапонија, Г7 ја сочинуваат и Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и САД. паг/


Каруизава, 17 април 2023 (МИА)