Breaking News

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири оствари средба со студентите од МБУ кои се од регионот во Турција погоден со катастрофалниот земјотрес


Министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, вчера го посети Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) и оствари средба со студентите од Универзитетот кои доаѓаат од подрачјето на Кахраманмараш, регион во Република Турција кој беше погоден со двата земјотреси кои однесоа десетици илјади животи и оставија катастрофални последици. На Балканскиот универзитет во моментов студираат 150 студенти кои доаѓаат од ова подрачје.


Министерот Шаќири, во име на Министерството за образование и наука, изрази подготвеност да даде секаква финансиска и морална поддршка на студентите од кои голем број останаа без своите блиски или им се разрушени домовите.


Меѓународниот балкански универзитет освен што е единствен универзитет во Северна Македонија со англиски јазик како официјален јазик на настава и комуникација, тој денес има портфолио на студенти од повеќе од 20 земји во светот. Од вкупниот број студенти, околу 40 проценти се од Северна Македонија, додека 60 проценти се од други земји, меѓу кои голем број и од Република Турција.