Breaking News

Милион и триста илјади денари поддршка за винарски здруженија од општината Кавадарци


Четири винарски здруженија од општина Кавадарци добиваат поддршка од локалниот буџет во вкупна висина од милион и триста илјади денари. Во кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев денеска беа потпишани договорите. Градоначалникот најави и понатамошна и поголема поддршка за нив, со цел развој на лозаровинарството, во најголемиот лозаровинарски регион во државата.
Перо Николов, советник во Советот на општината, рече дека со формирање на што повеќе мали винарии и дестилерии, ќе се има поголем придонес во производството на квалитетни производи.
Горан Јаковлевски, претседател на здружението „Тиквешки семејни винарии“ изрази благодарност што втора година по ред добиваат ваква поддршка, за развој, промоција и организирање на светскиот ден на единствената автохтона сорта „станушина“.
Претседателот на здружението „Винотек“ Јован Еленов рече дека Општината навистина има слух каде да даде поддршка. Бидејќи ова, како што подвлече, меѓу другото, значи и поддршка за одржување на лозарството и извоз на финален производ, а не грозје во гајба. Еленов ја поздрави ваквата поддршка.
– Винскиот туризам е во експанзија во светски размери и тоа е препознаено од страна на раководството на општината, градоначалникот и Советот, додаде тој, нагласувајќи дека ова е придонес во развојот на тој вински туризам.
Еленов потсети дека некои од винариите веќе практикуваат вински туризам. Тие, како што рече, ги промовираат и своите производи и Тиквешијата, негувајќи ја традицијата и културното наследство. свд/мд/
 
Кавадарци, 6 април 2023 (МИА)