Breaking News

МИХО ЈАНЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НО НА ГИМ, ДОБИТНИК НА НАГРАДА ЗА ДОЛГОГОДИШНА КОМОРСКА АКТИВНОСТ


Михо Јаневски долгогодишен претседател на УО на Градежниот институт Македонија (ГИМ), а од неодамна член на НО на компанијата. Со своето професионално искуство активно придонесува и во коморското делување како  член на УО на Здружението за градежништво и член на Собранието на Комората. Вербата во работата на Комората, како и нејзиното значење ја докажува со своето членство веќе 20 години и со несебичниот придонес во развојот на градежништвото како дејност.


Михо Јаневски својот работен век од 40 години посветено и исцрпно го поминува во Градежниот институт Македонија (ГИМ), компанија која ги изроди најдобрите градежници кои денес водат и свои компании. Раководејќи ја најголемата македонска консултантска фирма „ГИМ“, уникатен бренд кој нуди широк опсег на услуги и кој обезбедува изнаоѓање комплексни решенија за најсложените проекти во градежништвото, веќе години наназад развива и применува стратегија за извозна ориентираност, градејќи предвидлив, одржлив и постојан развој и дејствување на „ГИМ“ на што повеќе пазари, избегнувајќи зависност и непредвидливост. Минатата година „ГИМ“ отвори филијала во Романија, со што таа е првата македонска компанија со филијала во Букурешт, а наедно ова е и нивна прва канцеларија отворена во земја членка на ЕУ. Како лидер во својата област досега има отворено подружници кои активно дејствуваат во Р Србија, Црна Гора, во Босна и Херцеговина, Р Косово и во Р Албанија.


Да се биде лидер на успешен тим од 300 вработени, од кои 155 се инженери (повеќе од 50 од нив се магистри и доктори на науки), и да се има желба за подобро утре во градежништвото е само потврда дека овогодишната награда на Стопанската комора на Северна Македонија за доајен и за долгогодишна коморска активност е во вистинските раце, кои со голема верба сѐ уште го водат кон вратите на Комората, со исти елан и дух во континуитет.