Меѓународна недела на Филозофскиот факултет во Скопје


Од денеска до 23 февруари ќе се одржува 5. Меѓународна недела на Филозофскиот факултет во Скопје. Студентите, професорите и сите љубители на умниот збор и мудрата мисла, ќе имаат можност да ги проследат предавањата и дискусиите во рамките на програмата, на професори од Израел, Словачка, Шпанија, Грција, Полска, Украина, Швајцарија, Бугарија, Словенија, Црна Гора, Турција, Италија, како и резултатите од меѓународните проекти во кои Факултетот е координатор или партнер.


Почнувајќи од учебната 2018/19 година, Филозофскиот факултет започна со организирање меѓународна недела, која е петдневен меѓународен интердисциплинарен форум, кој преку предавања, промоции и дискусии ги одбележува активностите и соработките што Филозофскиот факултет ги остварува на меѓународно ниво. Идејата за Меѓународната недела произлегува од потребата на студентите да им се обезбеди поширока платформа за стекнување знаења и размена на мислења со професори и колеги од партнерските универзитети во Европа и ширум светот, наведуваат од Филозофскиот факултет.


Предавањата, промоциите и дискусиите со еминентни професори и предавачи, кои се на англиски јазик, имаат за цел да ги мотивираат студентите да се сретнат со главните општествени прашања преку соработка низ различни дисциплини, јазици и граници. Предавањата и дискусиите се наменети за студенти од сите три циклуси на студии, а предавачите опфаќаат теми од научните дисциплини што се изучуваат на Филозофскиот факултет. Посебен фокус во рамките на овој настан е промоција на меѓународни проекти кои ги спроведува Филозофскиот факултет. Како дел од промоцијата, на настанот учествуваат и партнерски универзитети. Втората меѓународна недела резултираше и со објавување на книга со апстракти, која остави повидлив белег на клучните аспекти од презентациите на сите предавачи на настанот.са.

Скопје 20 февруари 2023 (МИА)