Breaking News

Маричиќ: Оставаме простор во оние услови, време и формат што одговараат на опозицијата да се направи достапен Договорот за коридорите


Пратеничката група на СДСМ остава простор, како и мнозинството, во оние услови, во време и во формат што одговараат на опозицијата да се направи достапен Договорот на оние лица кои што имаат безбедносен сертификат, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, прашан дали се очекува неделава да се направи презентација на Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците со безбедносен сертификат.


Тоа, според Маричиќ кој утрово како претставник на Владата присуствувал на собраниската координација по ова прашање, секако зависи од динамиката на договор меѓу претседателот на Собранието и опозицијата кога и како ќе одлучат тоа да се направи.


Владата нема што да крие, изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за означување на официјалниот почеток на информативната кампања за ИПАРД 3 програмата.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска одржа редовна координација со координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во законодавниот дом, на чиј дневен ред било и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците.


Како што беше соопштено по координацијата ставот на присутните е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствувала, таа да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа.

Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, според соопштението, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати аа/ац/


Фото: МИА архива

Скопје, 2 мај 2023 (МИА)