Breaking News

Лондон воведе санкции за блиски соработници на руските олигарси


Велика Британија денеска соопшти дека воведува санкции за луѓе блиски до руските олигарси, вклучително и членовите на придружбата на Роман Абрамович и Алишер Усманов, кои ги обвинува дека им помагале да го скријат својот имот.


Меѓу погодените од новите британски санкции се Деметрис Јоанидес и Христодулос Василијадес, двајца кипарски државјани. Според Лондон, првиот стои зад офшор структурите што ги користел Роман Абрамович за да скрие 760 милиони британски фунти (863 милиони евра) пред да биде санкциониран по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.


Британските санкции се насочени и против неколку структури на мрежата на Алишер Усманов, како и против членови на пошироките семејства на други олигарси.

– Нема каде да се крие, предупреди британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли додавајќи дека Велика Британија ќе ја отсече „руската елита“ од имотот што нејзините членови мислеле дека успеале да го скријат.


Лондон тврди дека замрзнал повеќе од 18 милијарди фунти (20,4 милијарди евра) руски средства од почетокот на инвазијата врз Украина. јт/

Фото: МИА архива