Breaking News

Лица од социјален ризик од Крива Паланка ќе бидат ангажирани за вршење јавни работи


Лица од социјално загрозени семејства, корисници на минимален паричен надомест, невработени лица – активни баратели на работа и други социјално категории лица ќе можат да бидат ангажирани за извршување јавни работи во Општина Крива Паланка и да го подобрат месечниот семеен буџет.


Од локалната самоуправа информираат дека заинтересираните лица можат да се информираат и пријават кај определеното лице за јавни работи во Општина Крива Паланка секоја последна седмица од тековниот месец за ангажман во наредниот месец, а согласно програмата за социјална, здравствена и детска заштита за 2023 година планирано е да бидат ангажирани по најмногу пет лица месечно.


-Избор на пријавените кандидати ќе врши посебна комисија од општината во соработка со Центарот за социјални работи и Центарот за вработување. Планот за јавни работи за 2023 година изготвен од надлежните служби, секојдневната потреба за вршење на јавни работи ќе биде четири до пет 5 лица на месечно ниво. Преку овие активности од една страна се помага на социјално ранливи групи на лица, социјализација на истите, промовирање на невработените на пазарот на трудот, а пралелно ќе се спроведуваат активности и работи од јавен интерес за граѓаните и заедницата. Ангажираните лица ќе вршат: чистење улици, локални патишта, патеки и скали, чистење водотранспортни објекти, чистење снег од јавни површини, отстранување наноси и одрони, фарбање на комунална опрема, чистење јавни објекти, поставување опрема, собирање отпад и чистење депонии, подигнување и одржување зелени површини, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка.

Лицата ќе бидат ангажирани во период од 22 работни дена, односно еден месец за лице, а месечниот надомест за вршењето на јавните работи ќе изнесува 11.000 денари. За време на ангажманот на корисниците на минимална парична помош нема да им се укинува социјалната помош што ја користат. ид/дма/