Breaking News

Ковачевски: Иднината е во дигитализацијата


Иднината е во дигитализацијата на услугите, смета премиерот Димитар Ковачевски и порачува дека концептот на кол центри преку кои граѓаните може да се информираат за услугите што им следуваат веќе се напушта во светот и тој простор го зазема дигитализацијата.


-Ние имаме Министерство кое се грижи за дигитализацијата и голем број на процеси веќе почнуваат да се дигитализираат и кај нас. Можам да ги поттикнам сите институции во своите капитални проекти што повеќе да ставаат проекти за дигитализација на процесите и да се дигитализираат со цел граѓаните не само да можат да дојдат до информација, туку и да можат полесно да дојдат до услугата, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков.


Нагласи дека институциите кои работат со голем број на корисници на услуги во државата веќе имаат воспоставено кол центри и додаде дека голем број на услуги во државата се уште се нудат на шалтери и на хартија што е најмногу изразено кај општините. Воедно порача дека иднината треба да биде во дигитализацијата и посочи дека во мометнтов се разговара за електронска лична карта.

-Со нејзиното воведување  ќе можат да се отворат можности и за дигитализирање на многу други процеси и на многу други услуги, рече Ковачевски и потенцира дека целосно треба да бидат дигитализирани и матичните книги со цел да се намалат гужвите на шалтерите и да нема чекање.


Со дигитализацијата, како што кажа на  минимум се сведува и можноста за корупција.

-Во моментот кога ќе се намали човечки контакт при давање на услуга, тогаш и можноста за корупција практично се сведува на минимум. Тоа е нешто што е приоритет на Владата и на што се работи, потенцира Ковачевски


Оцени дека процесот на дигитализација во регионот е сличен како кај нас, а можеби, како што рече, е нешто повисок во земјите од регионот кои се веќе членки во ЕУ.

-Затоа наш врвен приоритет е што поскоро да станеме членка на ЕУ заедно со сите земји од регионот, истакна Ковачевски.вј/лв/