Костадиновска Стојчевска: Обезбедивме 40 милиони денари за капитални проекти за единиците на локалните самоуправи


„Културата игра клучна улога во формирањето на идентитетот на едно општество и во збогатувањето на животот на секој поединец. Таа нè поврзува, нè инспирира и нè облагородува. Со капиталните дотации отвораме перспективи за развојот на културата која зближува и покрај својата разноликост, а во тоа е и нејзината уникатност”, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот состанок во Владата  за капиталните дотации од областа на културата. На состанокот на кој присуствуваа и дел од градоначалниците на единиците на локалната самоуправа беа споделени информации за одобрените проекти за поддршка на локалните заедници. Притоа Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на заложбите меѓу државната и централната власт во остварување на заедничките цели. „Планирањето, обезбедувањето и реализацијата на финансиските средства за капитални дотации во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, Министерството за култура ги спроведува во согласност со програмските и стратегиските определби на Владата во насока на поттикнување и спроведување рамномерен регионален културен развој. Истовремено инвестирањето во културната инфраструктура на локално ниво е инвестиција во иднината на нашата земја и на нашите граѓани”, рече министерката за култура. Според Костадиновска-Стојчевска, капиталните инвестиции им овозможуваат на единиците на локалната самоуправа да реализираат многубројни проекти кои ќе ја збогатат нивната културната понуда. Со нив се предвидува изработка на проектно-техничка документација за изградба на објекти, реконструкција, ревитализација и санација на центри за култура, музејско-изложбени простори, адаптации на простори за културни и за други манифестации, осмислување летни сцени. Костадиновска-Стојчевска информираше дека по објавениот Оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 13 пристигнати проекти од 11 општини, средства беа доделени за 9 проекти, за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари (39.964.237,00 денари). „Така, Маврово и Ростуше во с. Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри, Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка. Продолжуваме со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ” во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица”, рече министерката за култура. Истовремено, министерката за култура изрази задоволство што се поддржани локални проекти и иницијативи кои го негуваат културното наследство, го поттикнуваат современото творештво и даваат можност граѓаните да се вклучат и да уживаат во културните активности.  Со  овие дотации, додаде таа,  ќе се создадат нови можности за уметниците и за културните организации, за развој на туризмот, стимулирање на локалниот економски раст и отворање нови работни места. Присутните градоначалници од општините кои добија капитални дотации во Програмата за оваа година, се заблагодарија на Министерството за култура и на Владата на РС Македонија кои, како што рекоа го препознаа квалитетот на понудените проекти, и ја истакнаа важноста од потребата за рамноправен развој и инвестирање во сите општини како и во најмалите рурални средини. На крајот Костадиновска-Стојчевска честитајќи им на добитниците  на капитални дотации, изрази благодарност до градоначалниците и до сите инволвирани за посветената работа во областа на културата и за заложбите за културен развој на единиците на локалната самоуправа. „Уверена сум дека овие капитални дотации ќе бидат инспирација да продолжиме да работиме заедно, градејќи подобра иднина за сите нас, затоа што само со работа и посветеност, можеме да изградиме подобри и попросперитетни локални заедници”, рече Костадиновска-Стојчевска.