Breaking News

Костадиновска-Стојчевска – Доундолуакис: Нови можности за зајакнување на соработката во културата со Грција


Има исклучителен простор за зајакнување на соработката во областа на културата меѓу Северна Македонија и Грција. Во време на неизвесност, важно е да се негуваат и зајакнуваат односите со соседните земји. Ова беше заклучокот од денешната средба меѓу министерката за кутура Бисера Костадиновска-Стојчевска и генералната секретарка за современа култура при Министерството за култура и спорт на Грција, Елени Доундолуакис.


Средбата се реализираше пред отворањето на Министерската конференција за култура „Алијанса Баукултур“ во Давос.


– Има исклучителен простор за зајакнување на соработката во областа на културата меѓу двете земји. Од особена важност е што голем чекор на овој план е веќе направен, но верувам дека допрва следи период на интензивни активности, рече на средбата Костадиновска-Стојчевска.

Доундолуакис истакна дека грчкото Министерство, исто како и македонското, ги следи насоките за интензивирање на односите во културата.


Соговорничките се согласија дека по потпишувањето на Преспанскиот договор значително се продлабочени односите во културата и дека потпишување на билатерален документ меѓу двете држави, ќе биде од особено значење за унапредување на соработката во овој сегмент. Воедно, тоа ќе овозможи размена на конкретни проекти и уметници, како и поголема комуникација меѓу институциите од двете држави.

На средбата беше потенцирано дека соработката во делот на културата е особено видлива меѓу музичките фестивали во двете земји, како и во блиската комуникација и активности на музеите за современа уметност, која веќе дава одлични резултати.


Во таа насока од страна на министерката Костадиновска -Стојчевска, на средбата беше изразен интерес за учество на нашата земја со културни содржини на манифестацијата „Елефсина – Европска престолнина на културата за 2023 година“.

Костадиновска-Стојчевска ја истакна и важноста на потпишаниот Меморандум за соработката меѓу Министерството за култура на Северна Македонија и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, што резултираше со посета на експертска група од Грција и изработка на проект за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.


На Министерската конференција за култура, „Алијанса Баукултур Давос 2023“ министрите за култура на земјите потписнички на Декларацијата од Давос 2018, како и од земјите набљудувачи на Советот на Европа, ќе се осврнат на влијанието на пазарот и на бизнисот во создавањето квалитетна животна средина, со културата како нејзин составен дел.бт/мд/

Скопје, 15 јануари 2023 (МИА)