Breaking News

Конференција „Менталното здравје ги засега сите“


„Менталното здравје ги засега сите“, е насловот на конференцијата, којашто ќе се одржи денеска, со почеток од 10 часот, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Конференцијата ќе ја отворат Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Северна Македонија и Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.


Во панел-дискусијата „Менталното здравје на децата и адолесцентите – Потреба од меѓусекторско делување“ ќе учествуваат министрите за здравство и за образование и наука, Фатмир Меџити и Јетон Шаќири и заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.


– За глобалните трендови во менталното здравје ќе говори Габриеле Фонтана, советник за здравје и исхрана, Регионална канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, а клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите на УНИЦЕФ во Северна Македонија ќе ги претстави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ, информираат организаторите.

Во панел-дискусијата „Осврт на искуствата и научените лекции во областа на менталното здравје“ ќе учествуваат професор Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетска клиника за психијатрија, Маргарита Спасеновска од Светска здравствена организација Северна Македонија, Гордана Блажевска Спиридонова, училиштен психолог од СУГС „Никола Карев“ и претставник од Заводот за социјални дејности. ир/са/