Breaking News

Конференција: Дигитализацијата на државните универзитети бара пари, ресурси и знаење


Иако има напредок во воведување дигитални услуги и алатки за е-учење, државните универзитети во исто време ја користат и хартијата како традиционален начин на работа, покажува истражувањето на Форумот за образовни промени (ФОП) кој денеска, како дел од иницијативата #DigiU, организираше конференција „Дигитализација на државните универзитети во Република Северна Македонија“.


– Време е да почне да се мисли со памет од 21, а не од 20 век. Истражувањето има препораки – нула хартија т.е. сите административни работи ќе треба да се прават преку дигитални алатки, да се користи дигитален индекс наместо хартиен, бидејќи сите податоци може да бидат електронски, потоа трансформација на Студентските прашања во служба за поддршка на студентите за успешна примена на дигитализација на државните универзитети, изјави Бленди Ходаи, претседател на ФОП, кој ја организираше конференцијата во соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Асоцијацијата за младинско зајакнување.


Во препораките од истражувањето во однос на е-учењето, рече тој, предлагаат секој факултет за секој студент да има квалитетен и брз интернет и да се воведе е-библиотека што ќе им овозможи на студентите пристап до различна литература од секаде во светот.

Бојан Кордалов од ИДУЕП истакна дека дигитализацијата е скап процес кој бара пари, ресурси и знаење, но пред сѐ волја и дека целта на иницијативата е да даде поддршка и да се вложи во вистинска дигитализација која ја бараат младите, особено студентите.


– Денешните генерации се млади на 21 век на коишто им е многу поблизок таблетот и компјутерот одошто кредата или други физички средства. Тоа не значи дека треба да се тргнат од употреба хартиените работи, меѓутоа во исто време мора да се вложува во дигитални уреди, дигитални вештини и во дигитални можности, истакна Кордалов.

На отворањето на форумот, на кој присуствуваа студенти и ректори од три државни универзитети, министерот за информатичко општество и администрација Aзир Алиу оцени дека општеството не е подготвено за дигитализација, не поради технологијата или инфраструктурата, туку од недостиг на човечки ресурси за да ја применуваат. Посочи дека и развиените земји во Европа се соочуваат со предизвикот за дигитално едуцирани граѓани кои ќе умеат да се справат и со девијации во дигиталниот свет и, покрај основни вештини за информатика, да се справуваат и со сајбер-напади.


– Ние треба да почнеме од основно и средно образование со предмет дигитализација за уште од мали нозе ученикот да знае што значи да се стане дигитален граѓанин. Инфраструктурата е најмал проблем, многу повеќе треба да работиме на човечкиот фактор. Цел ден може да разговараме за дигитална трансформација, но потребно е да имаме стручни луѓе што работат со тие процеси, рече Алиу.

Заменик-министерот за образование и наука Агим Нухиу нагласи дека овој процес е приоритет на МОН затоа што, како што рече, без дигитализација на образованието не може да се случи ниту дигитална трансформација на општеството.


– За разлика од пред три-четири години, денес е значително променето јавното мислење за примената на дигиталната технологија и како општество веќе сме доволно свесни за придобивките што може да ни ги понуди ИКТ-технологијата во секојдневието. Особено во образованието во кое клучен момент за промени беше КОВИД-пандемијата која ни покажа дека немаме доволно флексибилен образовен систем кој може брзо да се приспособи во новонастанатата состојба. Токму тоа го забрза процесот на дигитализација на образованието и ја воведе онлајн-наставата, рече Нухиу.

Тој соопшти дека во тек е изработка на стратегија за дигитализација која ќе ги утврди приоритетите на државата, а еден од нив, рече, е дигитализацијата на високото образование.

Христина Спасевска, проректор за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, во своето излагање на форумот рече дека УКИМ „во последните две и пол години неверојатно многу се труди да фати чекор со дигиталната трансформација“, но дека за тоа ги користат само сопствените капацитети. Во овој момент целата дигитална трансформација на УКИМ, рече таа, се одвива со сопствени финансиски и човечки ресурси.

– Нашите компании за неколку години ќе бидат целосно дигитализирани. Дали ние сме подготвени во овој момент да дадеме образование преку нашите студиски програми, не само за 22-риот туку и за 23 век, рече проректорката на УКИМ.

За примената на дигитални алатки и е-услуги на нивните универзитети се осврнаа ректорите на ДУТ и УГД.

Куштрим Ахмети, ректор на Државниот универзитет во Тетово, рече дека ДУТ „за жал, стои најдолу во буџетските средства кои се делат за дигитализација“, а ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, истакна дека УГД како млад универзитет е во предност затоа што дигитализацијата била замислена како еден од најважните сегменти при неговото основање.

-Ние затоа и немаме посебна стратегија за дигитализација, зашто дигитализацијата е дел од севкупното работење на нашиот универзитет, дигиталните процеси не ги гледаме како посебни, туку како нормално функционирање, рече ректорот на Штипскиот универзитет. хс/сп/

Фото: МИА