Breaking News

Коњановски: Во 2022 година Општина Битола реализира рекорден број проекти


Во време на енергетска и економска криза, кога централната власт покажа целосна незаинтересираност за поддршка на Општина Битола, како локална самоуправа, успеавме, минатата година, да реализираме рекорден број проекти во инфраструктурата, истакна градоначалникот Тони Коњановски.


На седница на Советот на Општина Битола, Коњановски потсети дека изработена е проектна документација за над 65 нови проекти и стабилизирани се јавните претпријатија за да може да функционираат.


-За да го постигнеме ова, а во исто време и редовно да ги регулираме обврските кон економските оператори, од кои дел и ги затекнавме како наследени обврски од претходното раководство, моравме да го подобриме работењето на општината и во делот на наплатата на данокот на имот, по повеќе основи. Во вакви услови, за да може, општината да работи на реализација на сите планирани јавни и инфраструктурни проекти, потребна беше ефикасност и ефективност на општинската администрација и придонес на секој од нас во исполнувањето на нашите обврски како граѓани и даночни обврзници, со што и лично, сите ние влијаеме врз развојот на општината, како од аспект на инфраструктура, така и од аспект на реализација на еколошки и други проекти за економски развој. Ова потврдува дека, со постојана и посветена работа, може да се постигнат резултати и во услови на економска и енергетска криза кога општината е оставена сама на себе, посочи Коњановски.

коњановски, градоначалник, битола


Од Општина Битола информираа дека наплатата на даноците на имот во 2022 година во однос на 2021 бележи вкупно зголемување за 13,55 отсто.

-Со овој начин на работа, подготвени сме за реконструкција и изградба на над 40 улици, адаптација на стационар за бездомни животни, реализација на проектот „Подобра социјална инклузија за млади, спорт и рекреација на потегот Тумбе – кафе – Смолево“, изградба на велосипедски и пешачки патеки, отпочнување на проектот за изградба на нова противпожарна зграда, доизградба на новиот парк во нова Битола, изведба на канализација, колектор и градба за прочистување на отпадни води во НП „Пелистер“, продолжуваме со изработката на новиот генерален урбанистички план, а за неколку месеци општината ќе има и целосно дигитализирани услуги, нагласи градоначалникот Коњановски во извештајот за работата на локалната самоуправа за минатата година. мт/вг/


Фото: Општина Битола

Битола, 7 март 2023 (МИА)