Breaking News

Клиентите на Креди Суис повлекле 62,5 милијарди евра од таа банка во првиот квартал


Во првиот квартал од оваа година, од јануари до март 2023 година, клиентите на швајцарската Креди Суис (Credit Suisse) повлекле 62,5 милијарди евра од таа банка.


Креди Суис денеска соопшти дека одливот на пари од банката во април бил нешто помал, но дека трендот на повлекување пари продолжил, јавува Би-Би-Си.


Секторот за управување со средства на оваа банка на крајот на март располагал со средства во износ од 513,4 милијарди евра, што е за речиси 29 отсто помалку од истиот период лани, се додава во соопштението.

Независната банкарска аналитичарка Френсис Копола рече дека клиентите повлекувале милијарди евра од сметките на Креди Суис и во четвртиот квартал од 2022 година. „На тоа се надоврза и повлекување на парите од Креди Суис во првиот квартал на 2023 година. Банките не можат да преживеат одлив на толкава сума пари, тие навистина не можат, без разлика колку се големи“, додаде Копола.


Таа смета дека ова не е крајот на турбуленциите во банкарскиот свет, но не е сигурна дали тоа ќе влијае на големите банки како Креди Суис.

Во втората половина на март швајцарскиот банкарски гигант УБС се согласи да го преземе загрозениот Креди Суис, па најверојатно ова е последниот финансиски извештај на Креди Суис.


За преземањето на Креди Суис, УБС доби гаранции од швајцарската влада во износ од 204,4 милијарди евра. ссм/

фото: ЕПА


Цирих, 24 април 2023 (МИА)