Кисела Вода го одбележа Националниот ден на унгарскиот народ


Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, по повод Националниот ден на унгарскиот народ, денеска положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Шандор Петефи во населбата Драчево. Тој, заедно со унгарскиот амбасадор во нашата држава Андраш Клајн, се поклонија пред спомен-плочата на унгарскиот херој, известуваат од Општина Кисела Вода.


– Убавината на пријателството е во споделувањето на важните моменти. Во миговите кои ни се значајни и означуваат нешто големо – за нас, за нашата држава, за нашиот народ. Токму таков ден за Унгарија и унгарскиот народ е 15 Март. Денеска, заеднички се поклонивме пред спомен-плочата на Шандор Петефи, една од клучните фигури во Унгарската револуција од 1848 година и поставувањето на темелите за целосно осамостојување на унгарската држава. Заеднички го одбележуваме Националниот ден на Унгарците и ќе додадеме уште една потврда на заемната почит која ја чувствуваат двата народа. Денес, додека стојам пред спомен обележјето на Шандор Петефи, на истоимената улица во Драчево, сакам да истакнам дека добрата соработка што ја имаме со Република Унгарија, со Унгарците и со нивното здружение „Теледом“, ќе ја интензивираме. Преку нови заеднички проекти уште повеќе ќе придонесеме кон зближување на македонскиот и унгарскиот народ, истакна Ѓорѓиевски, уште еднаш честитајќи им на присутните.


Свое обраќање имаше и амбасадорот на Република Унгарија Андраш Клајн, кој на настанот беше придружуван од военото аташе, полковник Хари Саболч и неколку претставници од унгарската амбасада, како и од претседателот на Здружението на Унгарците „Теледом“ Јожеф Шутуш.

Амбасадорот Клајн ја нагласи важноста на денешниот празник за сите Унгарци низ светот и упати благодарност кон градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и општина Кисела Вода. Тој изрази задоволство од зближувањето на двата народа, македонскиот и унгарскиот, кое продолжува.


По повод 15 Март, во основните училишта во општина Кисела Вода беше распишан литературен конкурс. За литературните творби на темите „Животот и делото на унгарскиот поет Шандор Петефи“ и „Револуцијата од 1848 во Унгарија и нејзиното значење“, беа доделени прво, второ и трето место.

Од општината информираат дека наградите биле обезбедени од Амбадасадата на Република Унгарија. Првонаградената ученичка, Матеја Трајковска од ООУ „Кузман Шапкарев“, летово ќе патува на младински камп во Унгарија. Втората награда му припадна на Лео Миновски од ООУ „Круме Кепески“, а третонаградена е Мина Ќурапова од ООУ „Партениј Зографски“. ир/са/


Фото: Општина Кисела Вода

Скопје, 15 март 2023 (МИА)