Ким бара поголема и поефективна употреба на севернокорејските борбени сили


Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун побара проширување и поефективна употреба на борбените сили поради „влошување на безбедносната ситуација на Корејскиот Полуостров“, објави денеска Корејската централна новинска агенција (КЦНА).


Во седиштето на Централниот комитет вчера се одржа шестиот проширен состанок на Осмата Централна воена комисија на Работничката партија на Кореја, а тема на состанокот со кој претседаваше Ким беше актуелната геополитичка ситуација во регионот и развојот на неколку воени планови.


– Ким ја нагласи потребата од проширување на воените капацитети со побрзо темпо, како и нивна ефективна примена, како мерка за построга контрола и управување со сè потешката безбедносна ситуација на Корејскиот полуостров, јави КЦНА.

Северна Кореја кон крајот на минатата недела престана да одговара на редовните повици на Јужна Кореја преку меѓукорејскиот канал за комуникација, вклучувајќи ги линиите на војската и Министерството за обединување.


Двете земји одржуваат редовни разговори двапати на ден, наутро и попладне, преку воени и комуникациски линии, но Северна Кореја веќе петти ден не возвраќа на повиците, се истакнува во соопштението на јужнокорејското Министерство за одбрана. ми/

фото: ЕПА


Пјонгјанг, 11 април 2023 (МИА)