Breaking News

Ќе се мапира македонската научна и економска дијаспора


Министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи денеска најави дека ќе се мапира македонската научна и економска дијаспора. Како што објасни, целта е идентификување на бизнис заедницата што живее надвор од земјава, а која ја сочинуваат важни претприемачи, идни потенцијални инвеститори во своите родни краишта, што ќе придонесе за локален развој.


-Почна проектот за отворање канцеларии за дијаспората во 23 општини. Канцелариите ќе имаат посредничка улога и на припадниците на дијаспората ќе им овозможат дополнителни информации, насоки и поволности од Владата, рече Чупи на годишната владина конференција „Година на нови можности”.


Според него, миграцијата е најдлабоката рана на нашето општество, како последица на која се соочуваме со т.н. одлив на мозоци или интелектуална миграција и стареење на постојната научна и професионална рамка и кадри.

-Најдобар начин за справување со овие проблеми е заедничкото, координирано делување. Не би можеле да зборуваме за регионален и локален развој без систематска соработка на институциите, општините, меѓународните организации, невладиниот сектор, здруженијата од дијаспората, поединците интелектуалци и бизнисмени, истакна министерот кој беше говорник на четвртиот панел, потенцирајќи дека дијаспората е драгоцена колку и татковината. мч/лв/