Breaking News

Каратистите на „Макпетрол“ со пет одличја на годинешниот избор на Град Скопје


Членовите на карате клубот „Макпетрол“ добија признанија за најуспешни спортисти во повеќе категории на традиционалниот избор на Град Скопје за најдобри спортисти и спортски екипи кој се одржува секоја година во соработка со Сојузот на спортови на Скопје.


За најуспешни спортисти во младинска конкуренција се прогласени каратистите Витомир Трајковски, Стефан Стојановиќ и Јована Мицовска. Трајковски го заслужи признанието поради освоени две трети места на Европско првенство и на Балканијада, а Стојановиќ и Мицовска за освоено трето место на Балканијада.


Во категоријата најуспешни сениори беа прогласени каратистите Петар Заборски и Петар Спасеновски. Заборски го доби признанието за освоено трето место екипно на Медитеранско првенство и на Балканијада, за прво освоено место на Универзијада, како и за трето место во Светска лига. Спасеновски е награден поради освоено трето место на Универзијада и прво место екипно, како и за освоено петто место на Медитеранско првенство.

Со добивање на овие одличја, карате клубот „Макпетрол“ заокружува уште една успешна година. Плановите и проекциите за следната 2024 година се таа да биде уште поуспешна и потрофејна.