Breaking News

Јавен линч на лекарите


Д-р Бобан Вучевски е еден од обвинетите во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово. Пред секое судско рочиште, пред зградата на тетовскиот суд протестираат граѓани кои се обидуваат на судот да му укажат дека се работи за неправедно обвинет лекар. „За време на ковид кризата, д-р Бобан го даде својот максимум и покажа како треба да изгледа еден доктор. Затоа го повикуваме Јавното обвинителство да размисли за нивните предлози и каква одлука ќе донесе судијата. Во ниту еден случај не смее да се амнестираат виновници, меѓутоа вистинските виновници не се денес овде во судот. Да се работи за лекарска грешка, во ред, но овде се работи за техничка грешка за која треба да одговара некој друг“, велат учесниците на протестите пред судот во Тетово.


Вучевски е обвинет дека дозволил роднини да се грижат за заболените од ковид во ситуација кога нашиот здравствен систем немаше доволно здравствени работници за нега на болните, кога бројките на болни на еден здравствен работник беа далеку над просекот.


И бројот на здравствени работници на 100 илјади население (270) во Македонија е далеку под европскиот просек.

Просекот на смртност на пациентите заболени од ковид во клиниката „Жан Митрев“ исто така беше двојно помал oд бројките во Инфективната клиника во Скопје, па сепак тоа не беше никаква пречка за судски процес против клиниката за начинот на лечење на ковид-пациентите.


Сведоци сме на она што деновиве се случува во битолската болница. Во врска со овие случаи јавноста веднаш прстот го впери кон дежурните лекари, кон здравствените работници и наводната нивна неспособност и неодговорност.

За сите овие случаи Лекарската комора на Македонија како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина изразува голем револт и осуда за јавниот линч на кој се изложени лекарите заради поединечни случаи на неповолен исход од лекувањето, без притоа да има утврдена одговорност.


Во изјавата за МКД.мк од Лекарската комора велат дека во јавноста се создава атмосфера во која се гради мислење дека најголем дел од лекарите работат нестручно и несовесно, што е сосема неточно и спротивно на реалната состојба.

„Таквата атмосфера создава незадоволство и чувство на револт кај докторите кои одговорно, стручно и посветено секојдневно даваат здравствена заштита и се грижат за здравјето на голем број пациенти во условите кои постојат во здравствениот систем. При медиумското известување за одредени случаи сосема се занемарува фактот дека медицината и докторите немаат секогаш решение кое ќе ги даде бараните резултати и дека во некои случаи текот на болеста се комплицира и покрај тоа што е преземено и постапено согласно медицински протоколи“, велат од Лекарската комора.


За време на ковид-пандемијата, во Италија во ситуација на преоптовареност на здравствениот систем се користеше системот на тријажа во воени услови: да се спасуваат прво оние кои имаат шанси да преживеат. Оние другите се оставаа да умрат. И за тоа немаше големи дискусии во јавноста во Италија.

За сериозниот дефицит на здравствени работници во Македонија се зборува веќе подолго време. И пред пандемијата, а особено после.

Во САД за време на ковид-пандемијата имаше издадено уредба, со која се обезбедува заштита на здравствените работници во услови на пандемија, со која се обезбедувал имунитет од одговорност во случај на загуба на пациент во текот на медицинскиот третман. Исклучок, се разбира, како што се вели во овој документ, било „намерното недолично однесување“.

Веројатноста да се случи јавен „линч“ на лекарите и други здравствени работници е секогаш висока, кога незадоволството на народот од здравствениот систем е големо, вели во изјавата за МКД.мк д-р Драган Даниловски.

„Не бевме ли сведоци на катастрофален недостиг на кадри (особено медицински сестри) во текот на пандемијата? Се сеќаваме ли дека, на пример, буквално само по две сестри и болничари се грижеа за шеесеттина пациенти во некои наши болници, заради што немаше кој чаша вода да им подаде? За каков квалитет на здравствените услуги може(в)ме да зборуваме во такви услови? Ете, како во САД ги штитат своите доктори. А кај нас? Кај нас едвај се чека и на најмал сомнеж, па да тргне стампедото на линчот! За жал, ниту ковид-19 пандемијата не произведе поголемо стратегиско значење на секторот здравство во фискалната политика и приоритетите на државата.

Па така, нивото на средства што од бруто домашниот производ се одвојуваат за здравствената заштита е само 7,3 проценти. Тоа ниво е недоволно за квалитетна и ефикасна здравствена заштита. Просекот на ЕУ е 9,9 проценти. Алармантно висок е процентот кој осигурениците го плаќаат од својот џеб за здравствени услуги – 41 процент, што е т.н. ‘опасна зона’, а толерантно ниво е меѓу 15 и 30 проценти, според методологијата на СЗО. Овој податок наместо да биде ‘црвен аларм’, Министерството за финансии во буџетот на Фондот како мерлив ‘аутпут’ за 2022 година става приватното плаќање да биде на висина на 45 проценти од вкупните трошоци за здравство. Со ова директно се крши уставниот принцип дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Показател дека секторот здравство очигледно не е приоритет на Владата е и фактот што Стратегијата за здравство 2021-2030 не постои на листата на приоритетни стратегии на веб-страницата на Владата. Оттаму, и по пандемијата, условите во нашиот ‘државен’ здравствен систем и квалитетот на услугите не се подобриja. И понатаму ‘Мој термин’ не функционира. И понатаму, голем број граѓани се принудени да се потпираат на приватното здравство… Во ваков амбиент, сосема е очекувано граѓаните да се ‘сензибилизирани’ и едвај чекаат некоја ‘пикантна’ вест за злоупотреба на должноста, криминал или за случена трагедија, за веднаш осомничените доктори да ги прогласат за виновници. Уште пред воопшто да заврши истрагата… Презумпција на невисност? Клевета? Жигосување? Гајле ли му е некому? Ние, граѓаните, ‘знаеме’ дека докторите се виновни! Во огромна мера, ваквата ‘хистерична’ атмосфера ја потхрануваат и мошне несмасно составените извештаи на одговорните органи за истражување на случаите, заради што во јавноста се раѓа сомневање дека настојуваат да заташкаат нечија вина.

Уште поголемо влијание имаат и бројни портали (нема да ги наречам ‘медиуми’), кои претераа со сензационалистички наслови. За конечно, ‘хистеријата’ кај народот да го достигне својот врв по јавните настапи, пред сѐ, на социјалните мрежи, на одделни доктори, кои изнесуваа претпоставки за веројатната причина за смрт на малата Јана, излегуваа со критика на преземените терапевтски постапки… Биле тоа прејудицирања, инсинуации? Гајле ли му е некому? Ние, граѓаните, ‘знаеме’ дека докторите се виновни! А, сѐ ќе стане јасно по објавувањето на обдукциските наоди (или судските одлуки во некои други случаи). Само малку трпение. Ние сме експерти за сѐ – од медицина до право…“, со горчина вели Даниловски.

Сите велат дека лекарите и другите здравствени работници се најважниот капитал на здравствениот систем и затоа треба да се почитуваат, да се заштитат со цел системот да биде во кондиција и да испорачува квалитетна здравствена заштита.

Пациентите и лекарите се дел од еден систем во кој треба да се обезбеди рамнотежа единствено ако институциите во државата подеднакво застанат во одбрана на правата и на едните и на другите.

Во овој момент законски се регулирани само правата на пациентите, велат од Лекарската комора.

„Во Законот за лекарска дејност покрај обврските треба да се уредат и правата на лекарите. Но, и покрај долгогодишни бројни иницијативи тоа сѐ уште не е сторено. Се обраќаме и до министерот за здравство со барање за преземање на конкретни мерки и активности за заштита на угледот на лекарите и лекарската професија. Заштита на правата на докторите е побарана и од други институции меѓу кои и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Презумпцијата на невиност е дел од Законот за кривична постапка, каде се наведува дека лицето кое е обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Лекарите како и сите други граѓани треба да го имаат ова право“, велат од Лекарската комора.