Breaking News

Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ се сели во Кичево да истражува локална корупција


Во рамки на пионерскиот проект на ИРЛ „Мобилна редакција“ кој започна пред четири години во Охрид и Крива Паланка, овој месец ИРЛ ќе биде во Кичево за да дадеме видливост на проблемите натрупани поради лошо владеење и корупција.

Основниот концепт на проектот „Мобилна Редакција“ вклучува преместување на тимот на ИРЛ, составен од известувачи, истражувачи, уредници и продуценти, во помалите градови и региони низ Македонија. Овие области често немаат соодветно медиумско покривање и присуство на новинари. Главната цел е да се разоткријат прашањата поврзани со локалната корупција и да се зајакне гласот на локалното население.


„Сакаме да интервенираме во областите каде што нема медиуми или се под притисок и каде што граѓаните не можат да добијат гласност за своите проблеми во сферата на доброто владеење”, објаснува главната и одговорна уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска.


Тимот на ИРЛ ќе биде целосно интегриран во овие заедници, овозможувајќи им да стекнат длабинско разбирање за жителите, нивните предизвици, грижи и борби. Овој пристап овозможува автентично претставување на локалните интереси и прашања. Резултатите од овој проект ќе бидат дистрибуирани преку различните платформи на ИРЛ, вклучувајќи ја веб-страницата (irl.mk), каналот на YouTube и другите социјални медиуми (Инстаграм, Фејсбук и Твитер).

Проектот „Мобилна редакција“ во изминатите четири години продуцираше бројни истражувачки стории, опфаќајќи ги регионите околу градовите Охрид, Крива Паланка и Маврово. Овој месец фокус на проектот е Кичево, а ИРЛ веќе е во процес на поврзување со граѓаните низ целата земја за да го идентификува следниот регион.


Ги покануваме граѓаните од сите страни на земјата да се вклучат во проектот преку упатување покани за покривање на нивните региони, како и споделување на нивните грижи и проблеми со нас преку нашите официјални канали на социјалните медиуми. Овој заеднички пристап има за цел да ги  да ги држи одговорни оние на позиции и власт во локалните средини, кои често се поврзуваат со лица и групи од врвот на власта, партиите и организираниот криминал.

Проектот „Мобилна Редакција“ на ИРЛ неодамна се здоби со признание и послужи како инспирација за други истражувачки организации од светот. Неодамна, тој беше пресликан од „Re:Baltica“, балтички истражувачки центар со седиште во Латвија, а во моментов се подготвуваат мобилнк редакции и во Хрватска и Грција.


За Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ:

Тимот на ИРЛ е составен од истакнати новинари, истражувачи, уредници, проверувачи на факти, режисери, продуценти, аудио и видео монтажери, камермани, веб-дизајнери, илустратори и комуникациски експерти. Здружението е основано со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project – OCCRP) – истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот.


Нашите новинари од 2017 година се фокусирани на истражување криминал, корупција и добро владеење. Во овие пет години објавивме над 80 значајни проекти кои предизвикаа различни институционални домашни и меѓународни реакции, иницираа судски процеси, постапки пред обвинителството и Антикорупциската комисија. Нашите стории помогнале да се спаси културното наследство или довеле до рушење на нелегално изградени објекти. Во 2023 истражувањата на ИРЛ беа наградени со пет домашни и меѓународни награди за истражувачко новинарство.

За повеќе информации посетете ја веб-страницата на ИРЛ www.irl.mk,како и профилите на социјалните мрежи: www.facebook.com/IRLMacedonia/; www.instagram.com/irlmacedonia/и www.twitter.com/IrlMacedonia