Breaking News

ИСОС го зајакнува капацитетот и поддршката на сите сметководители да ги исполнат законските и професионалните норми


Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) ја заокружи серијата средби со членовите на своите подружници низ земјата. Во изминатиот период беа организирани состаноци со подружниците на ИСОС во Тетово, Велес, Струмица, Штип, Прилеп, Битола, Куманово и Скопје, со цел, преку директна комуникација со членовите на Институтот, да се потврдат неопходните чекори за натамошно јакнење и етаблирање на сметководствената професија во земјата.


Овие средби беа и во функција на подготовка за претстојното Собрание на ИСОС на кое меѓу останатото, избраните делегати од подружниците треба да ја усвојат Програмата за работа на Институт за 2024 година и да ги изберат членовите на стручните комисии и тела, со што ќе се засили капацитетот на ИСОС и неговата способност да ги исполни своите законски утврдени задачи и овластувања.


„Дискусиите што ги имавме во подружниците покажаа дека најголем број од сметководителите ја разбираат и прифаќаат неопходноста за промени кои ќе донесат поголем квалитет и дополнителна вредност за сите кои се занимаат со оваа професија во нашата земја. Се поретки се мислењата дека со имплементацијата на постојната законска регулатива и воведувањето на меѓународните стандарди ќе се загрози егзистенцијата на поединци. Ние како организација која ги штити интересите на над 8000 професионални сметководители во земјава сме тука да им помогнеме на сите што се занимаат со оваа професија да ги исполнат сите неопходни услови за да добијат лиценци. Брзиот воз на прогресот е тргнат од станицата, прашањето е дали ќе се качиме на него или ќе останеме на перонот, залудно надевајќи се дека тоа не е последниот воз кој води кон подобра иднина на нашата професија“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Раководството на ИСОС е истрајно во намерата да продолжи со интензивната комуникација со сите членови на Институтот кои навистина се подготвени да ги прифатат и доследно да ги почитуваат етичките принципи за интегритет, објективност, компетентност, доверливост и професионално однесување, а истовремено и да им помогне на сите свои членови да го усогласат своето работење согласно важечките законски прописи и меѓународните стандарди за финансиско известување.