Breaking News

Flag of the European Union waving in the wind on flagpole against the sky with clouds on sunny day, banner, close-up

Искористување на европските фондови за раст и развој, што ја чека Македонија на патот кон ЕУ?


Евроинтегративниот пат за Македонија ќе отвори нови можности за користење на европски средства и фондови. Иако низ годините, земјава има добиено над 1 милијарда евра преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), кој е механизам за финансирање на земјите-кандидатки, оваа помош само ќе се зголемува, а со самото членство ќе добие и нови размери.


Средствата што ЕУ ги обезбедува треба да бидат насочени во остварување на стратешките цели на државата кандидат и во согласност со бројните политики на Европската Унија. Во основа на сите програми за поддршка од ЕУ е развојот и растот на економијата што во крајна линија придонесува за мобилизирање на нови приватни и јавни инвестиции.


ЕУ обезбедува финансирање за низа проекти и програми, но притоа применува строги правила за контрола врз тоа како се користат средствата и за да се осигура дека парите се трошат на транспарентен начин. Европското финансирање доаѓа во различни форми за земјите, дали преку грантови, за кои секој може да аплицира со едноставно поднесување на идеи за проекти, или пак преку субвенции и заеми.

Искористувањето на европските фондови по области


 Европското финансирање како во минатото, така и во иднина, ќе има клучна улога во зајакнувањето на инфраструктурата на Македонија, унапредувајќи ја поврзаноста и во земјата, но и со соседството. Инвестициите во модернизирање на патиштата, мостовите и транспортните мрежи, пред сè, ќе ја олеснат трговијата, но и ќе ја зајакнат позицијата на Македонија на европскиот пазар.

Подобрувањето на транспортната инфраструктура, Паневропските коридори 10 и 8, кои се и главните транспортни артерии, а кои поминуваат низ македонска територија покрај од национално значење, имаат големо регионално, но и европско значење.


Со европски средства веќе се придонесува и кон дополнително унапредување на образовните капацитети и програми во Македонија. Со заем од Германија, но и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија ќе бидат реновирани деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. Покрај тоа, околу три милиони евра, најголемиот дел од нив од ЕУ беа искористени за целосна реконструкција на државното средно училиште и регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово. Со финансиска поддршка од ЕУ, основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода, Скопје доби сензорна соба опремена со рехабилитациско-рекреациска опрема. Европската Унија организира и разни работилници и обуки за младите во земјава, без разлика дали станува збор за дигитализацијата или пак за зелената иднина, присуството на Унијата за поттикнување на раст и развој на младите е од исклучително значење. Очекувањата се тоа само да се зголеми како што земјава се движи на патот кон полноправно членство. Целта е да се поттикне Македонија да ја одржува и да ја задржи квалификуваната работна сила, притоа поттикнувајќи ги иновациите и претприемништвото.

Инвестициите во проекти за обновливи извори на енергија, како што се иницијативите за изградба на ветерници и користење на сончевата енергија, не само што ќе го намалат загадувањето, туку и ќе придонесат за енергетска независност на земјата, усогласувајќи ја Македонија со целите за одржливост на ЕУ. На земјава достапни ќе бидат и 860 милиони евра европски пари од Планот за раст на Западен Балкан, а средствата ќе бидат насочени кон правична енергетска трансформација и зелена транзиција на земјава.


Европските фондови поттикнаа значителен раст во земјите-членки!

Земјите-членки на ЕУ, низ годините доживеаја исклучителен развој, а клучни за тоа се средствата од европските фондови кои го поттикнуваат напредокот во различни сектори. Германија со европски пари стана предводник во делот на истражувањата и иновациите. Во Франција, европските фондови помогнаа во развојот на земјоделството, а во Данска придонесоа за поефективно користење на обновливата енергија.

Овие конкретни примери ја нагласуваат трансформативната моќ на европските средства и фондови во земјите-членки на ЕУ. Членството на Македонија во ЕУ не е само историска шанса, тоа е и можност за огромен раст, поттикнат од значителната финансиска поддршка која доаѓа со самото тоа. Со влезот во Унијата, за Македонија би се активирал бран на можности, а правилното користење, како и стратешката распределба на фондовите во различни сектори може да стане  катализатор за позитивни промени и одржлив развој на земјата за генерациите кои доаѓаат.