Хуманитарната Организација “Свети Спас” одбележа 8 години постоење


Хуманитарната Организација “Свети Спас” денес одбележува 8 години постоење. Приказната за организацијата која пружи помош на илјадници социјално загрозени лица започна со едно семејство од село Драчево кое побара и доби помош од отец Оливер и од другите свештеници од оваа црква. Потоа со вакви барања се појавува и второ семејство, па трето…. Отец Оливер со благослов од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ја продолжи оваа значајна мисија со многу мали финансиски средства, но со многу љубов и милосрдие од оние кои му ја подале раката делејќи заедничка, хумана цел. Во овие 8 години запишани се многу општествено одговорни компании, многу поединци, многу хумани луѓе кои се одзваа на повикот на Хуманитарната Организација “Свети Спас” и со своите донации обезбедија оброк за гладните, некогаш финансиска поткрепа, а некогаш работна рака која учествувала во обновата на нечиј дом.
Во моментот во Програмата за помош на оваа хуманитарна организација има 250 семејства кои добиваат најразличен тип на поддршка. Се работи за лица кои исклучиво со соодветна документација го имаат докажано својот статус, со што се оневозможуваат злоупотреби.
Од минатата година, во црквата “Свети апостоли Петар и Павле” во Горно Лисиче функционира црковно-народна кујна каде шест дена во неделата се приготвува храна за околу 220 лица (70.000 оброци годишно), а потоа, таа се доставува на 6 различни пункта низ Скопје. Последните два пункта, во парохиите Автокоманда и Бутел, се отворија пред неколку месеци поради зголемениот број на корисници.
Илјадници хуманитарни пакети пак се доставуваат во, но и надвор од Скопје. Притоа, од хуманитарната организација “Свети Спас”, помош побарале и добиле и лица од секаква националност и религија. Во овие осум години Хуманитарната Организација “Свети Спас” беше во првата линија при поплавите во Стајковци (2016) и Кичево (2017), пожарите во Поречието (2018) и Берово (2021), земјотресите во Албанија (2019) и Турција (2023), на првата линија и за време на Ковидот со постојани донации на клиниките во заштитни маски, чаршафи, вода, овошје…Заедно со бројните хумани лица и компании, изградија три дома и реновираа дваесет и шест дома на социјално загрозени семејства ширум Македонија. На многумина им помогнаа со вработување со цел да застанат на свои нозе.
Мисијата на Хуманитарната Организација “Свети Спас” ни оддалеку не е завршена. Борбата против гладот и сиромаштијата кои за жал се се’ почести во нашата држава допрва ќе се води.
Им благодариме на сите кои учествуваат и преку својот ангажман се дел од нашата хумана мисија. Со вашата поддршка и соработка, ние можеме да помогнеме на уште повеќе луѓе кои имаат потреба од поддршка.