Breaking News

Групацијата Иуте ги објави неревидираните резултати за 9 месеци од 2023 година


 Продолжување на профитабилниот раст, реализација на стратешките цели и пораст на вкупните приходи за 22.1%


Иуте Естонија, водечка финтек групација во Европа, која оваа година одбележа 15 години од своето постоење, официјално ги објави неревидираните резултатите од првите три квартали за тековната година, објавувајќи нето добивка од 9.3 милиони евра и вкупни приходи од 78.9 милиони евра, со пораст од 22.1% во споредба со истиот период од минатата година.


“Компанијата бележи уште едно успешно тромесечие, во коешто фокусот се става исклучиво на квалитетот”, изјави Тармо Силд, Извршен директор на Иуте групацијата. “Можеме да бидеме навистина задоволни. Трендовите на пазарот на капитал, монетарната политика, регулаторните механизми, макроекономските и геополитичките околности се фактори на кои мораме да се прилагодуваме, но пред се на нас самите. Вкупниот број на корисници се зголеми за 8.8% и иако бројот на активни корисници во споредба со минатата година се намали, приходот по корисник порасна на 377 еур во споредба со 346 еур од минатата година. Од друга страна пак,  ги заостривме условите кои треба да ги исполнат нашите клиенти за кредити, следствено на тоа и процентот на одобрување е помал. Нашата основна грижа е транспарентно и одговорно работење, а не задолжување на клиентите по секоја цена”.

Силд исто така додава дека вкупниот нето профит на ниво на групација, вклучувајќи ги сите земји, ќе остане пократок за 1.3 милиони евра, износ кој Иуте Кредит Македонија мораше да го исплати еднократно и ретроактивно на конто на солидарен данок.


Групацијата од неодамна од Иуте Кредит се ребрендираше во Иуте, што значи дека обемот на работа и услуги на пазарот оди надвор од рамките на кредитирање и ќе вклучува услуги за плаќање, банкарство и осигурување.

Сето ова значи и голем исчекор и амбициозни идни планови и за Иуте Македонија, како дел од групацијата.


Новиот Извршен директор на Иуте Кредит Македонија, Биљана Мишиќ, влегува со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор и амбициозни планови за раст на компанијата во иднина.  “Навистина ми е драго што како лидери на финтек пазарот во делот на воведување и развој на дигиталните услуги имаме обврска да го едуцираме пазарот и корисниците и да им ги доближиме дигиталните алатки кои го олеснуваат животот во сферата на финансиите”, вели таа.

Исто така, со повеќе од 400 партнери, 650 продажни места, над 5.000 ново-склучени договори, како и 60 отворени е-шопови само годинава, Иуте преку иновативниот модел “Купи сега плати подоцна”, станува прв избор на партнерите и купувачите, модел кој сосема го олеснува секојдневието и на партнерите и на купувачите.


“Ние разбираме и дека дигитализацијата носи и предизвици од аспект на заштита на податоците на клиентите. И од тој аспект, Иуте Кредит Македонија е лидер на пазарот, и е единствено финансиско друштво со воведена електронска шема за идентификација. Исто така и организациската поставеност на Иуте Кредит Македонија вклучува контролни функции, односно контрола на усогласеност со прописи, управување со ризици и внатрешна ревизија. Нашата цел е во иднина да продолжиме да бидеме најбрзиот, најкомфорниот, но и најтранспарентниот провајдер на финансиски услуги во делот на кредитирањето на население, но исто така и посветени кон заедницата со континуирана поддршка”,  додава Мишиќ.

Извештај за резултатите на компанијата.

Стратегиски резултати на групациско ниво

  • Бројот на активни корисници се намали на 282 илјади (31.12.2022: 293 илјади), но приходот по корисник порасна на 377 еур, споредбено со 346 еур во претходниот период
  • Вкупниот број на корисници порасна за 8.8%, броејќи 1 милион (31.12.2022: 928 илјади)
  • Консолидиранaта финансиска позиција на групата се зголеми за 12.8% изнесувајќи 363.7 милиони евра, а капиталот се зголеми за 24.5%, изнесувајќи 69.9 милиони евра на 30 септември 2023 година.
  • MyIute апликацијата достигна бројка од 727 илјади симнувања на 30 септември 2023 (31.12.2022: 477 илјади симнувања)
  • Официјален почеток на активностите на институцијата за електронски пари Иуте Пеј (IutePay) во Албанија, овозможувајќи го моделот на плаќања што досега се спроведуваа преку QR код, да се реализира преку апликацијата MyIute, на многу полесен и поефикасен начин, голем еволутивен исчекор во поглед на wallet бизнисот

Оперативни резултати на групациско ниво

  • Исплатата на кредити порасна за 10.6%, достигнувајќи 213.1 милиони евра (9М/2022: 192.7 милиони евра)
  • Бруто портфолиото на кредити порасна за 12.6% изнесувајќи 242.7 милиони евра (31.12.2022: 215,5 милиони евра)
  • Нето портфолиото на кредити порасна за 14.1% изнесувајќи 221.2 милиони евра (31.12.2022: 193.9 милиони евра).
  • Вкупната мрежа на бескартични банкомати достигна бројка од 72

Финансиски резултати на групациско ниво

  • Приходите од камати и провизии се зголемија за 21.4%, изнесувајќи 68.8 милиони евра (9М/2022: 56.7 милиони евра)
  • Нето приходите од камати и провизии пораснаа за 14.0%, изнесувајќи 48.1 милиони евра (9M/2022: 42.2 милиони евра)
  • Вкупниот приход порасна за 22.1%, изнесувајќи 78.9 милиони евра (9М/2022: 64.6 милиони евра).
  • ЕБИТДА, приспособена за курсни разлики и приходи од Енергбанк, се зголеми за 33.6%, изнесувајќи 33.8 милиони евра (9М/2022: 25.3 милиони евра).
  • Нето добивката порасна на 9.3 милиони евра, споредбено со 7.4 милиони евра во истиот период од минатата година, по усогласување на еднократниот ефект од аквизицијата на Енергбанк.

Целиот извештај е достапен тука.