Breaking News

Грковска – Задиќ: Корупцијата е проблем во сите држави, неопходен е ефикасен механизам


Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше средба со министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, со која разговараа за потребата секоја држава да има ефикасен и независен правосуден систем.


На средбата, како што информираат од владината прес-служба, Грковска се заблагодарила за поддршката што Австрија и ја дава на нашата држава на евроинтеграцискиот пат, која е особено значајна во процесот на реформи што нашата држава треба да ги спроведе за да ги исполни критериумите на Европската Унија.


Соговорничките размениле искуства и за начинот на кој функционира правосудниот систем во двете земји, при што, како што информираат, било истакнато дека треба да се воспостави одржлив систем, кој ќе дава резултати и кој нема да зависи од личности.

Грковска, исто така, нагласила дека изборот на судии и обвинители мора да биде транспарентен, а одлучувачки да бидат квалитетот, знаењето, искуството и интегритетот на избраните лица.


Во соопштението од владината прес-служба, се вели дека заедничка била констатацијата дека сите држави се соочуваат со корупцијата, но важно е секоја држава да изгради ефикасен механизам кој ќе ја сведе корупцијата на најниско ниво.

Грковска информирала за надлежностите на нејзиниот Кабинет за политики за добро владеење, кој освен што е посветен на креирање на антикорупциски политики, на дигитална трансформација на општеството и на градење на професионални, отчетни и ефикасни институции, посебно е фокусиран на младите.


Министерката Задиќ ја поздравила одлуката на Северна Македонија и на вицепремиерката Грковска да посвети значајно внимание на политиките за добро владеење. Таа додала дека улогата на жените и на младите во промените во општеството е клучна. аа/бак/