Breaking News

Граѓаните ги донираа „зелените поени“ од 68.000 шишиња за СОС Детското село, а Пакомак ја удвои донацијата


Граѓаните одлучија: Дел од „Зелените поени“ собрани преку вендинг машините на Пакомак да се донираат за потребите на СОС Детското село. Овој хуман гест го препозна и самата компанија, која реши да ги удвои собраните средства и да придонесе со сопствена донација во истата цел.


Донацијата беше спроведена на апликацијата ЕкоМак, каде корисниците имаа можност да бираат каде ќе ги потрошат вкупно собраните „зелени поени“ добиени за селективно одложување на отпадот.


Преку одложување на отпад во изминатиот период беа собрани вкупно 68.000 „зелени поени“, еднакви на 34.000 денари во денарска противредност. Преку 300 корисници на апликацијата гласаа средствата да заминат кај СОС Детското село, за да им помогне во покривањето на оперативните трошоци.

Во знак на благодарност за користењето на машините, но и за хуманиот гест кој го преземаа корисниците, Пакомак реши да го удвои собраниот збир на поени на 68.000 денари и да ја поддржи донацијата со дополнителни средства.


„Во име на компанијата Пакомак, сакам да ви се заблагодарам што вашите зелени поени ги подаривте за поддршка на СОС Детското село и за заштита на ранливата група на деца без родителска грижа“, изјави Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

Првата повратна вендинг машина беше поставена во Скопје во 2021 година, а оттогаш вендинг машини добија и повеќе други градови, како Тетово, Прилеп, Куманово, Битола, Штип, Берово и други.


Корисниците на повратните вендинг машини наменети за одложување на амбалажен отпад за секое парче отпад оставено во машината добиваат по 1 зелен поен (2 зелени поени = 1 денар), кои потоа имаат можност да ги искористат за плаќање во повеќе ланци на супермаркети, плаќање комуналии и услуги од јавен интерес и слично. Апликацијата дава можност и за донирање на зелените поени за СОС Детско Село.